Британскиот авантурист и телевизиски водител Бер Грилс изјавил дека по повеќегодишна веганска исхрана преминал на начин на исхрана кој главно се заснова на месо и дека сега на своите синови им препорачува да консумираат внатрешни органи.
Во интервју за британскиот весник „Телеграф“, Грилс рекол дека не сака на другите да им наметнува начин на живот или исхрана, туку зборува исклучиво врз основа на сопственото искуство.
„Не им кажувам на луѓето што треба да прават, што да јадат или како да тренираат. Никому не му кажувам што да прави, што да јаде или како да вежба. Единственото што го велам е: „Ова е она што функционираше за нашето семејство и за моето здравје“, истакнал Грилс.

Тој посочил дека неговото семејство повторно почнало да консумира месо откако, неговиот најстар син имал здравствени проблеми за време на периодот кога се хранел вегански.
„Мојот син Џеси не се чувствуваше добро на веганска исхрана – имаше проблеми со желудникот, многу лоша кожа и беше постојано исцрпен. Но, за само неколку недели откако повторно почна да јаде месо, повторно беше полн со енергија“, изјавил Грилс.
Грилс, кој стана еден од најмладите Британци што се искачиле на врвот на Монт Еверест на 23-годишна возраст, само 18 месеци откако го повредил грбот во несреќа со падобран, истакнал дека враќањето на исхраната со месо целосно го променило начинот на кој се чувствуваат тој и неговото семејство.

„Јадам одлични, големи бифтеци за појадок, ручек и вечера. Ја јадам целата маснотија и целата ’рскавица. Јадам џигер, кој е природен и исклучително богат извор на хранливи материи, како и многу јајца – и се чувствувам одлично. Погледнете ги лавовите, тие прво одат по крвта и внатрешните органи. А китовите убијци го вшмукуваат црниот дроб на големите бели ајкули. Тоа е лесен начин во исхраната да внесете биорасположливи хранливи материи. Тоа е врвната храна за преживување“, објаснил тој.
Тој оценил дека избегнувањето на индустриски преработената храна е еден од најважните принципи на здравата исхрана, додека како основа за долг и здрав живот ги гледа престојот во природа, физичката активност и едноставните животни навики.
„За мене, сонцето, студената вода, напорниот тренинг, природната храна и уживањето во животот се најдобриот рецепт за долг и здрав живот. Животот го доживувам како битки и благослови. Тие се како железнички шини – секогаш има битки и секогаш има благослови. Тие одат паралелно еден со друг“, нагласил Грилс, додавајќи дека не би се опишал себеси како „биохакер“ и дека се обидува да се фокусира „на животот и смеата, а не на научно оптимизиран живот“.
Поранешниот припадник на резервниот состав на британските специјални сили САС и еден од најпознатите светски авантуристи, во последните години се посветил на темата за долговечноста, а заедно со членовите на своето семејство основал компанија која произведува додатоци во исхраната од состојки што вклучуваат сушени органи од бизон и протеини од говедско месо.
Брендот „Modern Savage“ го создал заедно со сопругата Шара и синот Џеси, додека неговите помлади синови, Мармадјук (20) и Хаклбери (17), исто така учествувале во тестирањето на производите.
„Сакам да работам работи што го држат семејството заедно. Искрено, тоа ми е поважно од финансискиот успех“, заклучил Грилс.