Швајцарија гради подземни мега-трезори за супербогати клиенти

Супермен

11/08/2026

21:24

426

Големина на фонт

а а а

Подземен мега-трезор за супербогати клиенти се гради во швајцарските Алпи, под планината Бриниг Пас, во близина на гратчето Лунгерн, пренесуваат швајцарските медиуми.

Со проектот за изградба на гигантски комплекс од подземни трезори наменети за заштита на имотот на најбогатите луѓе во светот раководи претприемачот Томас Гасер, претседател на Управниот одбор на компанијата „Brünig Mega Safe“, пренесе „Свис инфо“.

Изградбата на „подземниот сеф за богатите“ веќе е во напредна фаза, а кога објектот ќе биде завршен, пристапот ќе биде ограничен само за избрани лица, наведува порталот.

„Прво ќе мора да поминете низ специјален контролен пункт и да излезете од возилото. Ќе има неколку нивоа на безбедносни проверки, кои нема да ѝ бидат познати на јавноста“, изјавил Гасер за швајцарскиот јавен сервис РТС.

На камерманите им било дозволено да ги снимаат пристапните тунели, но влезот во просторијата во која ќе се наоѓаат трезорите е забранет за јавноста.


Инвеститорите ветуваат највисоко ниво на безбедност во овој објект, кој ќе има околу 20 трезори вкопани под 100 метри цврста карпа.

Според инвеститорите, нивото на заштита ќе биде споредливо со она во Швајцарската народна банка, што би требало да претставува доволно ефикасна пречка дури и за најсмелите криминалци.

Пазарот за безбедно складирање скапоцености бележи експоненцијален раст во светот, поттикнат од глобалната нестабилност.

„Долго време Дубаи се сметаше за безбеден. Денес тоа чувство на сигурност се доведува во прашање. Луѓето едноставно сакаат да зачуваат дел од своето богатство“, објаснил Гасер.

Сепак, изнајмувањето простор нема да биде достапно за секого, а секој трезор-пештера се продава со рок од 99 години.

Минималната цена изнесува речиси еден милион швајцарски франци (околу 1,1 милион евра).

„Предноста е во тоа што клиентот станува сопственик. Клиентот има свој број на парцела во катастарот и тој имот може да го стави под хипотека“, објаснил инвеститорот, кој рекол дека веќе се пријавиле неколку клиенти.

Концептот на безбедно складирање длабоко во планините не е сосема нов во Швајцарија.

Во минатото, бројни демилитаризирани воени бункери веќе биле претворени во оклопни трезори или високобезбедносни центри за податоци.

Со проектот во Лунгерн се таргетира глобалната елита, која сè повеќе сака да го заштити својот имот од глобалните превирања.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk