Европското првенство во атлетика во Бирмингем донесе бројни интересни резултати на патеката, но еден италијански спринтер успеа да привлече внимание и поради детаљ кој нема многу врска со самиот спорт.
Имено Филипо Деца се појави на трката на 200 метри со крајно необична фризура, која веднаш предизвика голем број реакции.
Италијанецот беше одличен на патеката и со победата во својата квалификациска трка обезбеди пласман во следната фаза од натпреварувањето, но неговиот изглед стана речиси исто толку голема тема како и резултатот што го постигна.
Filippo Dezza et la coupe de cheveux en X : "Ça sent le pari perdu" 😁 pic.twitter.com/obq70N0EIk
— Eurosport France (@Eurosport_FR) August 13, 2026
Косата на Деца била избричена само на одредени места, додека другите делови останале недопрени. Поради тоа, неговата фризура изгледала како шишањето да било прекинато на половина, а некои навивачи на социјалните мрежи брзо ја прогласија за една од најлошите што ги виделе на атлетските натпреварувања.
Сепак, зад сето тоа се крие интересна приказна. Деца објасни дека станува збор за традиција меѓу италијанските репрезентативци и своевиден ритуал низ кој поминуваат дебитантите во националниот тим.
„Тоа е традиција што ја одржувам со моите колеги од италијанската репрезентација. Се надевам дека ќе ми донесе среќа. Како што веќе реков, бидејќи првпат сум со репрезентацијата, тоа е своевиден ритуал за влегување на нов член во тимот“, објасни Деца.

Италијанскиот спринтер откри и каква инструкција му дал на човекот кој бил задолжен за неговата необична фризура.
„Му реков: ’Слушај, прави што сакаш, не ми е гајле, косата повторно ќе порасне, само да се забавуваме‘. И така и направи. Наскоро повторно ќе морам да се шишам, мислам дека целосно ќе ја избричам главата. И да се надеваме дека ќе ми донесе малку среќа“, истакна Италијанецот.

Потоа Деца реши дополнително да се пошегува на сметка на својот нов изглед: „Дефинитивно ќе имам помал отпор на воздухот за време на трката, тоа е сигурно. И да се надеваме дека ќе дува малку поволен ветер во грб“.
Ако целта на необичната фризура навистина била да му донесе среќа, засега може да се каже дека ритуалот функционира. Деца победи во квалификациите на 200 метри со резултат од 20,60 секунди и на тој начин обезбеди место во полуфиналето.

Но, не застана тука. Во полуфиналната трка дополнително забрза и оствари време од 20,35 секунди, со што обезбеди пласман во финалето закажано за петок.