Новак Ѓоковиќ проговори за љубовта со Јелена: Ги откри трите тајни за среќен брак, но и еден проблем што „најмногу го боли“

Супермен

19/08/2026

14:39

605

Големина на фонт

а а а

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ за магазинот „Пипл“ ги откри тајните на својот среќен брак со сопругата Јелена, со која се венча во 2014 година.

Ноле (39) и Јелена (40) се запознале уште како средношколци, но животот во еден момент ги одвел на различни страни. Откако се преселил во Монте Карло за да тренира како професионален тенисер, двајцата повторно се зближиле додека Јелена студирала во Италија.

Со текот на времето почнале да живеат заедно, а потоа следувала и свадбата во 2014 година. Денес имаат син Стефан (12) и ќерка Тара (8).


Во пресрет на почетокот на прикажувањето на документарниот филм „Новак Ѓоковиќ: Волкот во зима“ (Novak Djokovic: The Wolf in Winter) на платформата „Прајм Видео“ на 20 август, во разговор за магазинот „Пипл“ тој зборувал за тоа што ја прави успешна неговата повеќедецениска врска со Јелена.

„Пред сè, таа е единствената сериозна врска што некогаш сум ја имал. Таа ми беше девојка, свршеница и сопруга повеќе од 20 години и бескрајно сум благодарен за нејзината љубов, поддршка и за односот што се развиваше во текот на сите овие години“, изјавил Ноле.


Тој додал дека како и секоја друга врска и нивниот однос бара одрекувања.

„Како и во секоја врска, потребна е жртва. Потребни се многу компромиси, но и заеднички раст“, истакнал тенисерот, сумирајќи го успехот на нивната љубов во три збора: „Комуникација, искреност, транспарентност“.


„Ако нешто не е како што треба, мора да разговарате за тоа. Колку подолго чувате нешто во себе, толку поголемо станува тоа чудовиште. Кога конечно ќе излезе на површина, не излегува само она што ве мачело, туку и неколку други работи. Тогаш како да ги извлекувате духовите од минатото и влегувате во надолна спирала. Зборувам од лично искуство, секако“, изјавил Ѓоковиќ.

Тој признал дека, како и секој пар и тие поминувале низ „подеми и падови“, но дека секогаш се потсетуваат на љубовта што заедно ја изградиле.


Освојувачот на 24 гренслем-титули особено истакнал дека Јелена во текот на целата негова кариера била негова поддршка, како и личноста која се грижела за семејното секојдневие додека тој патувал низ светот.

„Таа го одржуваше семејството заедно, се грижеше за нашите деца и им помагаше додека растеа да се справат со отсуството на таткото, што е нешто што најмногу ме боли, дури и денес. Кога ги оставате децата и сопругата дома, мислам дека не е само фраза кога се вели дека тоа навистина боли. Но, ја работите својата работа и се трудите да бидете најдобри што можете. Кога ќе се вратите дома, се обидувате да бидете присутни колку што е можно повеќе“, раскажал Ѓоковиќ.


Повремено Стефан и Тара, заедно со Јелена, доаѓаат на големите турнири за да го бодрат својот татко, а за време на Вимблдон во 2024 година, Стефан бил фотографиран како тренира со Новак на теренот за тренинг.


На прашањето дали би го поддржал Стефан доколку посака да гради професионална тениска кариера, Ѓоковиќ одговорил: „Апсолутно“.

Сепак, тој нагласил дека најважно му е да му биде татко на својот син, а не негов тренер.


„Пред сè, сакам да биде среќен и здрав. Сакам да му бидам татко. Не е лесно, секако, со оглед на тоа што јас претставувам во светот на тенисот. Секогаш постои љубопитност дали ќе тргне по истиот пат, но тоа не е истиот пат. Тоа е негов пат“, заклучил Ноле.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk