Потрес во светскиот фудбал! УЕФА поднесува кривична пријава против Инфантино – почнува хаос

Точка

27/08/2026

19:51

338

Големина на фонт

а а а

УЕФА подготвува кривична пријава против претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пред швајцарските судови поради можна финансиска злоупотреба поврзана со неговиот пропаднат план идните приходи од Светското првенство да им ги продаде на приватни инвеститори.

УЕФА соопшти дека доставила документација до судот во Менхетен, Њујорк, барајќи да ѝ биде овозможено прибирање потенцијални докази од њујоршкиот инвестициски фонд „Thrive Capital Management“, основан од бизнисменот и милијардер Џошуа Кушнер. За разлика од неговиот брат Џаред Кушнер, советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џошуа не е поддржувач на владејачките републиканци, туку на опозициските демократи.

УЕФА, исто така, поднела барање до судот во Јужна Флорида за одобрување прибирање докази „во рамките на странска постапка“ против самата ФИФА, чии канцеларии се наоѓаат во Корал Гејблс, предградие на Мајами.


„Thrive“ и Кушнер требало да бидат главните инвеститори кои на ФИФА би ѝ платиле 4,2 милијарди долари за 20 отсто удел во подружница што би управувала со комерцијалните настани на фудбалската организација, вклучувајќи го и Светското првенство.

„УЕФА и нејзините правни застапници разгледуваат покренување кривична постапка во Швајцарија против Инфантино и, можеби, други функционери на ФИФА поради кривично несовесно управување согласно член 158 од швајцарскиот Кривичен законик“, навеле адвокатите на УЕФА во документ од 56 страници до кој дошла агенцијата „Associated Press“.


Во документот се сугерира дека износот од 4,2 милијарди долари би можел да претставува „измамнички утврдена цена која не одговарала на пазарната вредност, а која Инфантино ја промовирал за сопствена корист“.

Инфантино на 1 август се откажа од планот за продажба по жестоките реакции на челниците на светскиот фудбал, вклучувајќи ја и УЕФА.


Европската куќа на фудбалот првпат се закани со покренување правна постапка на 3 август, кога ја предупреди ФИФА дека не смее да уништи или сокрие каков било релевантен материјал поврзан со планот.

„Инфантино тврдеше дека планот ќе ги ослободи комерцијалниот потенцијал и можностите што ги има ФИФА. Вистината, сепак, е дека тоа беше механизам преку кој Инфантино и тој мал круг луѓе би стекнале траен удел во највредниот имот на ФИФА и на други начини би остварувале корист од него, на штета на ФИФА, нејзините членки и другите чинители во фудбалското семејство“, навеле адвокатите.


„Според условите што ги објави Инфантино, тие инвеститори за 4,2 милијарди долари би стекнале траен финансиски интерес во комерцијалниот огранок на ФИФА, што би подразбирало апсурдно ниска вредност на компанијата од само околу 20 милијарди долари. Таа бројка не е резултат на отворено и конкурентно наддавање, ниту, пак, била утврдена од кој било независен проценител“, се наведува во соопштението.