За смртта на грчкиот пејач Мазонакис двајца лекари обвинети за убиство со евентуална умисла

A1ON.MK

14/09/2026

20:30

1.168

Големина на фонт

а а а

За убиство со евентуална умисла, за кое е предвидена казна и до доживотен затвор, се товарат двајцата лекари во чија ординација, минатата недела почина популарниот грчки пејач Јоргос Мазонакис за време на медицинската терапија плазмафереза, што се вршеше нелегално.

За двајцата лекари, кои беа уапсени во четвртокот, првично беше покрената постапка за кривичното дело изложување на опасност со смртен исход, меѓутоа во текот на истрагата се утврдени дополнителни докази и попладнево обвинението беше променето и сега е товарат за убиство со евентуална умисла.

Популарниот пејач почина од срцев удар, а според грчките медиуми, истрагата покажа дека смртта настапи за време на медицинска процедура што беше во тек, а не како што првично тврдеа лекарите дека воопшто не беше започната, а пејачот почина околу еден час пред да биде информирана и повикана брзата помош.


Според истите информации, лекарите, без да ги имаат соодветните и неопходни средства, се обидуваа сами да го вратат во живот 54-годишниот пејач, наместо да повикаат помош или да го пренесат во болница, а конкретниот апарат за плазмафереза (herapeutic plasma exchange) веројатно го регистрираше целиот процес, но и моментот кога срцето престана да работи.

Конкретната ординација, што е регистрирана како обична приватна ординација по интерна медицина и без дозвола вршеше терапии со матични клетки и сепарација на крвна плазма е во сопственост на брачна двојка лекари: општ лекар и неговата сопруга, наводно гинеколог и магистер по молекуларна и развојна биологија, која воедно го вршеше третманот на чистење и сепарација на плазмата, кога настапи смртта на пејачот.


Плазмафереза е процедура на чистење и сепарација на плазмата, при која се отстранува крвта, течниот дел од плазмата се одвојува, а преостанатите крвни компоненти му се враќаат на пациентот, а се извршува исклучиво во болница и под надзор на специјализиран медицински персонал.

Брачната двојка лекари, утре наутро ќе бидат изведени пред јавен обвинител и истражен судија.

Мазонакис денеска беше погребан на гробиштата во населбата Никеа во западниот дел на Атина, онаму каде што го помина детството, додека пак на погребот му претходеше литургија, а телото од вчера вечер беше изложено во црквата во истата населба, за неговите пријатели, колеги, обожаватели да му оддадат почит и да се простат од него.

Плоштадот пред маалската црква беше премал да ги собере сите оние, познати и непознати, кои се собраа да го испратат Мазонакис кон неговиот вечен дом.

Роден во 1972 година во Атина, кариерата ја започна во раните 90-ти, имаше соработувано со голем број познати грчки композитори и текстописци и важеше за еден од најпознатите грчки поп пејачи, со над тридецениска кариера, со голем број хитови, над десет албуми и илјадници настапи и концерти низ цела Грција, но и во странство.

Редовно настапуваше во ноќните клубови со жива музика во Атина и Солун, односно во познатите „бузуки“.