Ивана Шпановиќ, најдобрата српска атлетичарка во 21 век, одлучи да ѝ одговори на холивудската актерка Сидни Свини поради кампањата која ги сексуализира спортистките.
Таа остро ја искритикува маркетиншката кампања на обложувачката платформа „Новиг“ со американската актерка Сидни Свини. Шпановиќ ја опиша рекламата како пример за ставање на изгледот пред спортските успеси на жените, што е проблем против кој спортистките се борат со децении.
„Ова не е зајакнување на жените. Ова е објективизација против која жените во спортот се борат со децении“, напиша Шпановиќ. Таа смета дека сведувањето на себеси само на тело заради популарност на социјалните мрежи не ги промовира ниту спортот, ниту силата, ниту жените, туку ги поткопува.

„Да гледаш како друга жена гордо придонесува за тоа е навистина жално“, порача таа.
Една од најдобрите светски скокачки во далечина заклучи: „Не ни се потребни жени кои му покажуваат на светот како изгледаме. Потребни ни се жени кои ќе му покажат на светот што можеме“.
Спорната кампања
Реакцијата на Шпановиќ следуваше откако во септември беше претставена кампањата за „Новиг“, платформа за спортски предвидувања и обложување. Сидни Свини во компанијата не е само заштитно лице, туку и стратешка партнерка и косопственичка.

Во промотивното видео актерката позира без облека, а интимните делови од телото ѝ се прекриени со спортски реквизити, како топки за американски фудбал, кошаркарски обрач и хокеарска маска.
Критики и поделена јавност
Кампањата веднаш предизвика бурни реакции и обвинувања за објективизација на жените. Од тимот на актерката објаснија дека концептот се темелел на идејата фокусот да биде ставен на спортот, со доза хумор и самодоверба. И покрај објаснувањето, критиките продолжија.

Четирикратната олимписка шампионка во пливање Аријарне Титмус изјави дека се противи на комерцијализацијата и сексуализацијата на женското тело во спортот. Мариса Вомак од бејзбол-клубот „Harrisburg Senators“ предупреди дека ваквите претставувања ја отежнуваат професионалната положба на жените во спортската индустрија.

Одговорот на Сидни Свини
Свини одговори на критиките преку објави на Инстаграм. Таа сподели низа насловни страници на списанија на кои познати спортистки и спортисти претходно позирале без облека во рамки на спортски кампањи.

Меѓу нив беа тенисерката Серена Вилијамс, фудбалерката Меган Рапино, боречката Ронда Раузи, како и играчите на американски фудбал Мајлс Гарет и Џејсон Келси. Според податоците што ги пренесе „Варајети“, по објавувањето на рекламата актерката најпрво добила околу 50.000 нови следбеници, но потоа изгубила околу 200.000.

Претходни полемики
Ова не е прва јавна полемика поврзана со рекламните ангажмани на актерката. Минатата година таа беше критикувана поради учеството во кампања за фармерките на „Американ Игл“ (American Eagle).

Таму слоганот „Sydney Sweeney has great jeans“ предизвика дискусии поради двосмислената игра на англиските зборови „jeans“ (фармерки) и „genes“ (гени).















