[ВИДЕО] СВР Скопје ја откри и санкционираше: Жена излезе од своето „Порше“, фрли отпад во реката Лепенец и ѝ мавна на камерата - „Снобови во одела, комплетно ја опишува нашата држава!“

Точка

17/09/2026

15:01

1.677

Големина на фонт

а а а

Снимката која се шири на социјалните мрежи предизвика бројни реакции и револт кај граѓаните. На видеото се гледа жена која со возило марка „Порше“ застанува на мостот над реката Лепенец, по што излегува од автомобилот и без двоумење фрла кеса со отпад директно во речното корито.

Особено загрижувачки е фактот што инцидентот, според објавите со снимката, се случува во близина на устието на Лепенец во Вардар – подрачје кое дополнително ја нагласува сериозноста на ваквото неодговорно однесување кон животната средина.


Наместо отпадот да биде одложен во соодветен контејнер или на место предвидено за отпад, тој завршува во реката, каде што може да остане во природата и дополнително да придонесе за загадување на водата и околниот простор.

Снимката предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи, при што граѓаните го осудуваат ваквото однесување и повторно го отвораат прашањето за односот кон природата и јавните површини.

Многумина реагираат и на контрастот што го прикажува самата снимка – скап автомобил и очигледно висока животна стандардизација, наспроти крајно неодговорен однос кон животната средина.

Коментарите под видеото се бројни:

„Ова видео комплетно ја опишува нашата држава. Снобови во одела. Уште и ви мафна да е поголема иронијата“, „Не Порше, свемирски брод да возат, џабе“, „Објавете ја јавно, да ја направиме позната“, Ова се успешните во овој систем, додека оние кои се грижат за природата се "забегани"“, „Не е до колата, до човекот е. Порше се купува ама култура не“...


Случајот е уште еден потсетник дека загадувањето не е само прашање на големи индустриски загадувачи, туку и на секојдневното однесување на поединците. Фрлањето отпад во реки, покрај патишта или на други несоодветни места остава последици врз природата и квалитетот на животот на сите граѓани.

Видеото повторно ја наметнува и потребата од поголема еколошка свест, но и од одговорност за однесувањето на јавни места. Граѓаните преку социјалните мрежи бараат ваквите постапки да не се нормализираат и апелираат отпадот секогаш да се одложува на места предвидени за тоа.

Казнета е жената со „Поршето“ која фрлаше ѓубре во Лепенец

СВР Скопје го утврди идентитетот на жената која беше снимена како со автомобил „Порше“ фрла отпадоци во реката Лепенец, кај мостот на улицата „Скупи“.

Како што информира МВР, денеска (17.09.2026) во 11:45 часот во Полициската станица од општа надлежност Карпош била повикана М.И.Б. (38) од Скопје, по претходно објавените видеоснимки на социјалните мрежи на кои се гледа како непознато женско лице со патничко моторно возило „Порше“ фрла отпадоци во реката.

По преземените мерки и активности, полицијата го утврдила идентитетот на лицето, кое било повикано во полициската станица, каде што бил извршен службен разговор.

По целосното документирање на случајот, на жената ѝ е изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота, поради фрлање амбалажа надвор од местата определени за таа намена.

Дополнително, изготвен е записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради непрописно паркирање на патничкото моторно возило на коловозна лента.