Автобус со околу 90 ученици удри во карпа во Црна Гора, возачот е уапсен

Макфакс

20/09/2026

11:00

186

Големина на фонт

а а а

Во Црна Гора се случи сообраќајна несреќа во која автобус со околу 90 ученици удри во карпа на патот Мојковац – Колашин. Возачот е уапсен и против него е поднесена кривична пријава, додека неколку лица, вклучувајќи ученици и туристички водич, се повредени.

Уапсен е возачот на автобусот кој синоќа учествуваше во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Мојковац – Колашин во Црна Гора, додека превезувал основци од Подгорица кои се враќале од екскурзија.

Против него е поднесена кривична пријава, потврди утрово раководителот на Основното државно обвинителство во Бијело Поле. Обвинителството во земјата засега јавно не соопшти за кое конкретно кривично дело се товари, ниту детали врз основа на кои е утврдена неговата одговорност за несреќата.

Несреќата се случила околу 20:35 часот во местото Штитаричка Ријека, на околу три километри од Мојковац во правец кон Колашин. Според првичните информации на црногорската полиција, на патот се одрониле камења, а возачот се обидел да го избегне одронот, при што со предниот десен дел од автобусот удрил во карпа покрај коловозот.

По несреќата возачот бил алкотестиран и, според полициските информации што ги пренесуваат црногорските медиуми, не бил под дејство на алкохол.

Во возилото имало околу 90 ученици.

Првичните информации од полицијата беа дека се повредени четворица ученици и едно возрасно лице. Подоцна беше објавено дека тројца ученици се полесно повредени, како и уште едно возрасно лице, додека туристичкиот водич се здобил со тешки повреди, поради што требало да биде пренесен во Клиничкиот центар на Црна Гора.

Директорот на Општата болница во Бијело Поле, изјави дека во болницата биле донесени две 15-годишни девојчиња и 43-годишен професор, додека со возило на Итната медицинска помош биле донесени уште едно 15-годишно девојче и едно возрасно лице.

По несреќата започнало организираното враќање на учениците во Подгорица. По дел од децата дошле нивните родители, додека останатите биле превезени со други автобуси.