[ВИДЕО/ФОТО] Калиопи за концертот во Скопје: За мене постои само Република Македонија без придавки, арената секогаш ќе биде „Борис Трајковски“; реагираше директорот на спортскиот центар

Точка

01/10/2026

10:25

1.385

Големина на фонт

а а а

Калиопи на 17 октомври ќе одржи голем концерт во Скопје, а на прес-конференцијата по повод настапот зборуваше и за името на државата, како и за називот на салата во која ќе се одржи концертот.

Големата сала во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ од крајот на јули го носи називот „Т Арена“, согласно партнерството на спортскиот центар со Македонски Телеком. Името „Борис Трајковски“ и натаму го носи целиот спортски центар.

Калиопи, сепак, јасно кажа дека лично таа ќе продолжи да ја нарекува салата по името на поранешниот претседател.

„За мене постои само Република Македонија, без придавки. И она што е многу важно, исто така и самите гледате – за мене арената ќе остане секогаш ‘Борис Трајковски’. Ако сме дале име на наш претседател, да го насловиме, тогаш тоа е тоа“, рече Калиопи.


Нејзината изјава предизвика реакција од директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, кој појасни дека нема промена на името на спортскиот центар, туку само на називот на конкретната сала.

Апостолоски нагласи дека соработката со Македонски Телеком не го менува името на целиот комплекс и дека „Борис Трајковски“ останува официјалното име на спортскиот центар.

„Со сета почит кон Калиопи како еден од најдобрите македонски вокали, како директор на СЦ ‘Борис Трајковски’ чувствувам одговорност и должност да дадам објаснување и мислење во однос на нејзината изјава на денешната прес-конференција“, вели Апостолоски.

Тој потсетува дека уште при официјализирањето на партнерството со Македонски Телеком било нагласено дека името на спортскиот центар останува непроменето.

„Името на спортскиот центар останува ‘Борис Трајковски’. Тоа е нешто од кое ниту јас ниту кој било може и смее да отстапи. Името на поранешниот претседател е нешто кое со огромна почит и чувство на емпатија го негувам во сите сегменти на функционирањето на спортскиот центар“, вели директорот.

Според Апостолоски, потребно е да се прави разлика меѓу името на спортскиот центар и комерцијалниот назив на салата.

„‘Т Арена’ е називот конкретно на салата каде што се одржуваат концертите, што значи не е име на спортскиот центар, кој не е само арена, туку има многу други пропратни елементи и содржини“, објаснува Апостолоски.

Тој се осврна и на изјавата на Калиопи дека за неа салата ќе остане „Борис Трајковски“, посочувајќи дека во светот не е невообичаено концертни и спортски објекти да носат имиња поврзани со брендови или спонзори.

„Бидејќи сум сигурен дека почитуваната Калиопи одржувала настани во бројни светски спортски и концертни сали, верувам дека повеќето од нив носеле назив на одреден бренд или моментален спонзор, па оттаму не можам да се согласам со нејзината констатација во однос на називот на арената во овој момент“, вели Апостолоски.

„Верувам дека лоша намера не постои, но сепак менаџирањето и функционирањето на спортскиот центар е нешто кое е наша должност, исто како што имаме должност да ги обезбедиме сите услови за перфектен концерт на Калиопи, кој нѐ очекува во октомври. Се гледаме во ‘Т Арена’ во СЦ ‘Борис Трајковски’!“, додаде тој.

За концертот во Скопје Калиопи најави и специјален гостин. Неговото име засега останува во тајност, а публиката, според нејзината најава, ќе дознае за кого станува збор околу десетина дена пред концертот.

На 17 октомври таа повторно ќе настапи пред скопската публика и ќе ги изведе песните и хитовите кои ја одбележаа нејзината долгогодишна кариера.