Доктор Дарко Василевски не беше доведен во понеповолна положба од останатите кандидати, постапката за вработување беше објективна и транспарентна, велат од Медицинскиот факултет

Макфакс

01/10/2026

20:33

368

Големина на фонт

а а а

Лекарот Дарко Василевски започна штрајк поради тврдења за дискриминација на јавен оглас за вработување на Медицинскиот факултет во Скопје. Факултетот реагираше со објаснување дека постапката за вработување била објективна и транспарентна и дека Василевски не бил доведен во понеповолна положба.

Откако утрово лекарот Дарко Василевски започна штрајк со глад пред Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, со обвинување дека трет пат бил дискриминиран на јавен оглас за вработување се огласи и Медицинскиот факултет.

Оттаму велат дека постапкате за вработување на доктори по медицина била објективна и транспарентна и во ниту една фаза од истата, Василевски не бил доведен во понеповолна положба од останатите кандидати.

Соопштение

„Во врска со објавениот јавен оглас 01/2026 на Медицинскиот факултет во Скопје, во состав
на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, за засновање на работен однос на 4 (четири)
доктори по медицина од кои 2 (два) извршители за Институтот за медицинска и експериментална
физиологија со антропологија, Ве известуваме за следното:
Постапките за вработување на доктори по медицина, Факултетот ги спроведува врз основа
на Законот за високото образование, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за
работните односи. Јавниот оглас беше спроведен од страна на Комисија за селекција на
кандидати составена од тројца реномирани професори на Медицинскиот факултет во Скопје,
воедно раководители на Институтите на факултетот, каде се вработуваа докторите по медицина.
Комисијата за селекција ги провери доставените документи на пријавените вкупно седум
кандидати за работното место на кое конкурираше и кандидатот доктор Дарко Василевски и
утврди дека истите се уредни пријави.
Со сите пријавени кандидати комисијата спроведе интервју.
По спроведеното интервју, Комисијата за селекција предложи два кандидата кои ги
исполнуваат општите и посебните услови за засновање на работен однос со Факултетот.
Постапката за вработување која ја спроведе Медицинскиот факултет во Скопје, беше
објективна и транспарентна и во ниту една фаза од истата, доктор Дарко Василевски не беше
доведен во понеповолна положба од останатите кандидати.
Особено нагласуваме дека избраните кандидати се далеку подобро рангирани по основ на
постигнатиот успех од формалното образование и резултатите од интервјуто“.

Известување

Во соопштението од Медицинскиот факултет се нагласува дека доктор Дарко Василевски бил уредно известен за исходот од постапката односно кои кандидати се избрани со цел засновање работен однос.

„Доколку кандидатот доктор Дарко Василевски смета дека некое право од постапката за вработување му е ускратено истиот своите права може да ги оствари пред надлежните институции.
До денес факултетот нема добиено известување од ниту една надлежна институција дека кандидатот официјално се обратил во врска со наведениот Конкурс за вработување. Исто така, до Факултетот не е доставено ни известување за евентуално поднесена претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Доколку Факултетот добие претставка во законски предвидениот рок ќе се произнесе по истата“.