Розова боја, кристали, светки и камион што навистина е тешко да не се забележи. Зад воланот седи Лаура Ткалчиќ, професионална возачка која секојдневно поминува километри по хрватските патишта.
Некогаш ја чека пат кон Далмација, некогаш кон Славонија, а нејзиното секојдневие вклучува долги патувања, товарење, истоварање и часови поминати зад воланот на голем камион.
Но, Лаура не е сосема обична возачка. Освен што се занимава со професија во која жените сè уште се помалку застапени, нејзиниот камион изгледа поинаку од повеќето возила што ги среќаваме на патиштата.
Розовите детали, светилките и кристалите откриваат дека за уредувањето на внатрешноста на возилото била задолжена исклучиво таа.
Својата приказна ја раскажала во емисијата „Кај нас дома“ на Хрватската радио-телевизија (ХРТ), а открила и како воопшто се нашла зад воланот на камион.
Љубовта кон големите возила Лаура ја развила уште додека растела. Нејзината мајка е професионална возачка на автобус, па таквиот начин на живот не ѝ бил непознат.
„Желбата да возам камион не се појави тукутака. Мојата мајка тргна по тој пат, но таа се одлучи за автобусите. Така и јас некако во тој период ги засакав камионите и автобусите, но на крајот се одлучив за камионите и еве, сè уште ги возам“, изјавила Лаура.
Таа завршила сообраќајно училиште, а денес автопатот е нејзиното работно место.
„Секако, прво личната хигиена, па потоа подготовките. Понекогаш ќе ставам и малку шминка, а потоа тргнуваме на пат. Сè зависи од тоа дали одиме кон Далмација или некаде кон Славонија. По целиот работен ден се враќам дома, одам да спијам и следниот ден сè започнува одново“, ја опишала својата секојдневна рутина.
Ако сте помислиле дека внатрешноста на камионот мора да биде здодевна и еднолична, возилото на Лаура би можело да ве разубеди. Бидејќи во него поминува голем дел од денот, таа одлучила да го уреди според сопствениот вкус, а нејзиниот вкус подразбира многу сјај.
„Ги уредувавме подовите, тука се кристалите, секако и розовата боја, а кристалите се задолжителни бидејќи обожавам светки и дијаманти“, открила Лаура.
За голем дел од работата заслужен е нејзиниот партнер.
„Јас само кажав – може таа боја и тоа е тоа. Така што, всушност, тој е мозокот зад целата оваа операција и уредувањето“, признала Хрватката.
Резултатот е камион кој со својот изглед значително се разликува од останатите на патот.
Иако Лаура ужива во возењето, повремено се соочува со коментари од луѓе кои сметаат дека управувањето со камион не е работа за жена.
„Секогаш имам поддршка од луѓето, кој и да ме види. Сепак, понекогаш ми велат: ’Леле, зошто почна да се занимаваш со оваа работа? Ова не е за тебе. Зарем немаше некоја друга работа?‘“, раскажала таа.
„Јас секогаш велам: ’Самата сум си виновна за тоа. Јас го сакав ова, ја сакам оваа работа и тука сум каде што сум.‘“, истакнала Лаура.

Таа забележува и дека работите полека се менуваат. Сè повеќе жени се одлучуваат професионално да се занимаваат со возење, а Лаура рекла дека познава многу од нив.
Особено ѝ е драго кога на автопат ќе сретне друга возачка, бидејќи знае дека имаат слично секојдневие, од раното станување до напорното товарење и истоварање.
Во слободното време се занимава со манекенство, а зад себе веќе има неколкугодишно искуство, бројни патувања и учества на различни натпревари за убавина.
„Во слободното време се занимавам со манекенство. За две и пол години навистина многу патував. Учествував на многу избори за убавина и запознав многу прекрасни луѓе“, открила таа.
Сепак, кога треба да одлучи што ѝ е најважно, за неа нема дилема: „Модата не ми е приоритет. Се обидувам да ја ставам на второ место, додека работата и семејството ми се на прво место“, заклучила Лаура.