Момчето од Ѓорче Петров, кое на 18 октомври беше брутално претепано од група малолетници на плоштадот „Делфина“ во скопската населба Влае, се вратило дома со скршени заби, модринки, отоци и повреди на главата. Неговата мајка, во сведоштво за „Скопје1“, открива детали за нападот, стравот на детето дека насилството ќе се повтори доколку случајот биде пријавен во полиција, но и непријатната комуникација со мајката на едно од децата за кои тврди дека учествувале во нападот.
Според нејзините сознанија, во нападот учествувале околу 15 до 20 малолетници, претежно на возраст од околу 16 години, додека нејзиниот син и неговите другари имале околу 13 години.
„Едно од децата му пристапило со зборовите: ‘Е, овој може’. Го турнало во еден круг, му удрило шлаканица, а кога син ми се обидел да се тргне, налетале останатите. Почнале да си го подаваат како да е топка, да го фрлаат од еден крај на друг“, раскажува мајката за „Скопје1“.
Според нејзиното сведоштво, нападот продолжил со удари со тупаници и клоци, а бил употребен и метален боксирач. Ударите, како што вели, биле насочени претежно кон главата на момчето.
„Едно од децата го држело за јакната и почнало да го удира со боксови. Потоа пристапиле и останатите. Најстрашно е што бил употребен боксирач. Ударите биле претежно во главата. Има силна контузија, отоци, модринки и крвни подливи“, вели таа.
Во еден момент, според раскажувањето на мајката, напаѓачите го притиснале момчето до дрво. Додека дел од нив го држеле, останатите продолжиле да го удираат. Неговите другари се обиделе да му помогнат, но не можеле да се спротивстават на бројната група. Еден од нив се обидел да го крене повреденото момче, но и самиот бил турнат.
Од нападот, момчето останало и без делови од два заба. Мајката претпоставува дека забите биле скршени од удар со боксирач, но оваа околност засега не е независно потврдена.
Детето се плашело повторно да не биде нападнато
Мајката раскажува дека првото сомневање дека нешто сериозно се случило го добила кога синот престанал да ѝ одговара на телефонските повици. Кога се вратил дома, не сакал да ја соблече јакната, а качулката му била на главата. Дури кога ја тргнал, таа ги забележала повредите.
„Не се случило да не ми крене телефон. Кога се качи дома, не сакаше да ја соблече јакната, а качулката му беше на главата. Кога ја тргна, видов дека крвави, дека е модар околу окото и дека има страшен оток“, сведочи таа.

И покрај повредите, момчето првично ја молело мајка си да не оди во полиција, исплашено дека насилството ќе се повтори доколку го пријави случајот.
„Ако пријавиш, мамо, повторно ќе се случи истото“, биле зборовите со кои, според нејзиното сведоштво, детето се обидело да ја разубеди да не го пријавува нападот.
Мајката сепак решила да го пријави случајот, нагласувајќи дека не сака нејзиниот син да продолжи да живее во страв. Детето било однесено на лекарски прегледи, а за нападот била известена и полицијата.
Непријатна комуникација со мајката на едно од децата
По нападот, мајката на повреденото момче контактирала со мајката на едно од децата за кои тврди дека учествувале во насилството. Наместо разбирање за состојбата на нејзиниот син, според нејзиното сведоштво, разговорот се претворил во непријатна ситуација, со повишен тон и негодување поради пријавувањето на случајот во полиција.
„Упорно имаше викање на висок тон од нејзина страна. Како не ми било срам. Тие биле деца, таа не очекувала дека јас вака ќе го пријавам во полиција“, раскажа мајката за „Скопје1“.
Според нејзините зборови, другата жена сметала дека станува збор за деца и не очекувала дека настанот ќе биде пријавен во полиција. Тврдењата за разговорот се дел од сведоштвото на мајката на повреденото момче и засега не се независно потврдени.
Мајката споделува и непотврдени информации што, како што вели, кружат низ населбата — дека групи тинејџери се собираат во круг на плоштадот и ги тепаат оние што ќе поминат низ него. Овие наводи засега не се независно потврдени од надлежните институции.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот
Од Министерството за внатрешни работи претходно за „Скопје1“ потврдиле дека на 18 октомври во 15:30 часот 39-годишна жена пријавила физички напад врз нејзиниот малолетен син од група малолетници, при што бил употребен тврд предмет. Од МВР информирале дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Тврдењата за бројот на напаѓачите, употребата на метален боксирач и наводниот круг во кој се тепале деца се изнесени од мајката и засега не се независно потврдени од полицијата.
















