Нова „пандемија“ се заканува да ги испразни канцелариите и работните места низ целиот свет на 19 ноември, но овојпат причината не е опасен вирус, туку објавувањето на најочекуваната видео игра во историјата - „Grand Theft Auto VI“.
Очекувањето за првото ново продолжение во оваа франшиза по цели 13 години е толку големо што многу се зборува за феноменот наречен „GTA грип“, односно масовното отсуство на вработените од работа за да можат да се „потопат“ во играта од првиот момент.
Слично сценарио веќе беше видено во 2013 година кога беше објавен петтиот дел, а овојпат бројките се уште подраматични. Според некои истражувања од Велика Британија, дури 2,5 милиони работници планираат да земат слободен ден во четврток, додека се проценува дека околу 900.000 од нив ќе отворат лажно боледување. Сличен тренд може да се забележи и во Соединетите Американски Држави, каде што податоците покажуваат дека околу една петтина од вработените планираат да земат слободен ден, додека глобалните барања за одмор на денот на објавувањето на играта скокнаа за речиси 30 проценти во споредба со минатата година.
Социјалните мрежи како „Reddit“ и „Instagram“ се преплавени со објави од гејмери кои резервирале цели недели одмор со месеци однапред, знаејќи дека игра од ваков обем бара сериозно слободно време. Дури и самиот извршен директор на „Take-Two Interactive“, Штраус Зелник, се пошегува дека „многу луѓе ќе се јават како болни на 19 ноември“, додека австралиските трудови институции мораа официјално да ги потсетат вработените дека видео игрите не се оправдана причина за отсуство и дека работодавците имаат право да побараат медицински изговор дури и за еден ден.
Експертите за дигитална социологија и индустријата за игри истакнуваат дека ваквите отсуства не се новина кога станува збор за големи културни моменти - слично се случи и со сериите „Call of Duty“ или „Dragon Quest“ во Јапонија, за кои објавувањето на игрите еднаш беше поместено за викенд за децата да не бегаат од училиште.

Сепак, проценките дека „GTA грипот“ ќе предизвика штета од милијарда долари на американската економија, многу економисти ги сметаат за претерани и повеќе дел од медиумска еуфорија отколку за реална закана за глобалната продуктивност.
Додека милиони играчи низ целиот свет ги одбројуваат часовите и планираат како да се ослободат од работа, другата страна на приказната останува во сенка на оваа еуфорија - судски случај во Глазгов започнат од поранешни вработени во студиото „Rockstar Games“. Само еден ден пред објавувањето на играта, завршува расправата во врска со отпуштањето на 34 вработени во Велика Британија и Канада, кои тврдат дека биле отпуштени поради синдикално организирање, додека компанијата наведува дека причината била откривање на доверливи информации.