Сите зборуваат за новиот Џејмс Бонд, но која е жената што го освои неговото срце?

Супермен

17/11/2026

16:55

501

Големина на фонт

а а а

Роберт Патинсон и официјално е новиот Џејмс Бонд, па вниманието на јавноста се насочи и кон неговата партнерка. Суки Вотерхаус е актерка, пејачка и манекенка. Со Патинсон е во врска од 2018 година, свршени се и имаат ќерка, а неодамна за првпат проговорила за нивната свадба.

„Амазон МГМ студиос“ во понеделникот објави дека Патинсон ќе го игра Џејмс Бонд во новиот филм за агентот 007. Филмот ќе го режира Дени Вилнев, според сценарио на Стивен Најт. Така, 40-годишниот Британец станува седмиот актер кој ќе ја толкува улогата на славниот шпион, наследувајќи го Даниел Крег.

„Џејмс Бонд е еден од најлегендарните ликови во историјата на филмот и тоа што ми е доверена улогата на агентот 007 е најголемата чест во мојот живот“, изјавил Патинсон.

Датумот на премиерата сè уште не е официјално објавен, а медиумите пишуваат дека филмот би можел да пристигне во кината во 2028 година.

Додека обожавателите расправаат дали тој е вистинскиот избор за смокинг и мартини, многумина се прашуваат и која е неговата партнерка. Станува збор за Суки Вотерхаус, 34-годишна лондонка која одамна не е само „девојката на славниот актер“.

Од модни кампањи до сопствена турнеја

Вотерхаус е родена на 5 јануари 1992 година во Лондон. Јавноста најпрво ја запознала како манекенка, а потоа се посветила на актерството. Најголем успех ѝ донела улогата на клавијатуристката Карен Сирко во серијата „Daisy Jones & the Six“ од 2023 година.


Интересно е што серијата е продуцирана за „Амазон прајм“, односно под покровителство на истата компанија која сега стои и зад филмскиот серијал за Џејмс Бонд.

Последниве години сè посериозно се занимава со музика. По албумите „I Can’t Let Go“ и „Memoir of a Sparklemuffin“, во јули го објавила својот трет студиски албум „Loveland“, со кој започнала турнеја низ Северна Америка.

Таа и понатаму е редовно заштитно лице на модните кампањи и често се појавува на црвениот килим, а оваа година присуствувала и на престижната Мет гала.


Се запознале додека играле друштвена игра

Според пишувањата на медиумите, Суки и Роберт се запознале во 2018 година во Лос Анџелес, на вечер посветена на друштвени игри, каде што се играла играта „Врколак“. За првпат биле фотографирани заедно во јули 2018 година во Лондон. Оттогаш, настојуваат да ја држат својата врска подалеку од очите на јавноста колку што е можно повеќе.

И двајцата претходно имале врски кои привлекувале големо медиумско внимание: таа со Бредли Купер, а тој со Кристен Стјуарт и пејачката ФКА Твигс, со која бил свршен.


Вотерхаус во интервјуата зборувала за тоа колку ѝ пречело да биде етикетирана како „девојката на славниот актер“. Оваа година, во еден поткаст признала и дека никогаш не ги гледала филмовите од сагата „Самрак“, кои го прославија нејзиниот партнер.

Ќерка, свршувачка и свадба по принципот „сè или ништо“

Во ноември 2023 година, Суки на сцената на фестивалот „Корона Капитал“ во Мексико Сити открила дека е бремена. Набргу потоа се појавиле вести дека се свршиле.

Во март 2024 година добиле ќерка, а Суки неколку месеци подоцна ја претставила на насловната страница на британското издание на списанието „Вог“.

Гласините за тајна венчавка кружат од јануари 2025 година, откако Шерон Стоун го нарекла Патинсон сопруг на Суки.


Вотерхаус ги демантирала овие гласини на почетокот на ноември, во интервју за „Сандеј тајмс“. Таа изјавила дека сè уште не се венчани и дека кога станува збор за нивната свадба, важи принципот „сè или ништо“.

Доколку одлучат да се венчаат, нагласила дека тоа ќе биде голема прослава. Додала дека поради работните обврски, плановите за свадбата се одложени најмалку до крајот на годината.


Сега, кога на Патинсон му претстојат подготовките за улогата на агентот 007, останува да видиме кога свадбата ќе дојде на ред.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk