На тој 2-ри јули 1994 година, Андрес Ескобар со својата глава „плати“ за грешката која што ја направи на натпреварот Колумбија - САД.
Колумбија пред околу две децении за само неколку месеци изгуби двајца Ескобара - Пабло и Андрес.
Едниот од нив беше најголемиот трговец со дрога во историјата, а другиот фудбалер кој што со својата глава „плати“ за грешката што ја направи на одлучувачкиот натпревар на СП.
На 2-ри јули 1994 година пред барот Ел Индио, Умберто Кастро Муњоз, припадник на картелот на браќата Галон го застрелал Ескобар кој што седел во својот автомобил.
Кога увидел дека е мртов Муњоз извикал: „Гооол...“, однесувајќи се како популарните јужноамерикански коментатори.
Инаку, само 10 дена пред да се случи тоа, во одлучувачкиот натпревар за поминување во фаза на осмина-финалето на СП, Ескобар интервенирал несреќно, па дал автогол со што Колумбија морала да се врати дома.
Андрес по поразот кратко изјавил: „Животот тука не завршува“.
Многумина тврдат дека Андрес никогаш не би бил убиен доколку на 2-ри декември 1993 година не бил ликвидиран Пабло Ескобар и тоа од страна на државните служби во соработка со сопарничките нарко картели и со поддршка на американските служби за разузнавање.
Имено, Пабло бил познат како голем љубител на фудбалот и страствен навивач на репрезентацијата, а многу често бил во контакт и со фудбалерите.
Ви препорачуваме да го погледнете и документарниот филм „Двајца Ескобара“ во кој што детално е опишана ситуацијата која што претходела на убиството на фудбалерот Андрес Ескобар.