Седум години од трагедијата која го потресе светот: Животот на Шумахер сè уште е тежок

Супермен

29/12/2020

11:18

2.094

Големина на фонт

а а а

На денешен ден, 29 декември 2013 година, едно навидум безгрижно и рекреативно скијање во Мерибел, Франција, се претвори во животен пекол за славниот возач на Формула 1, Михаел Шумахер, и неговото семејство.

Бизарната несреќа го „прикова“ Шумахер за кревет во неговиот дом во Швајцарија и целосно го изолираше од светот. Во изминатите години бевме сведоци на разните шпекулации кои се појавуваа во светските медиуми, поврзани за состојбата и закрепнувањето на седумкратниот светски шампион во Ф1. 

Михаел Шумахер одлучил да скија по див дел од планината и во таа прилика паднал и ја удрил главата во камен под снегот. Кацигата која се преполовила, му го спасила животот, а потоа со хеликоптер бил итно пренесен во болница.


Оттогаш во јавноста пристигнуваа само мал број информации за неговата состојба. По двете операции на клиниката во Гренобл, лекарите го ставија во индуцирана кома од која постепено започна да се буди во јуни 2014 година. Рехабилитацијата во текот на летото продолжи во Лозана, а потоа во септември беше преместен во својот дом во Гланд, Швајцарија.

Здравствената состојба на Шумахер и денес е мистерија. На почетокот, јавноста ја известуваше Сабина Кем, а потоа неговиот адвокат Феликс Дам на рочиштето за поднесената тужба против германскиот магазин „Bunte“ изјавил дека Михаел не може да оди, ниту да стои.

Во недостаток на официјални информации, изминатите 4 години беа полни со шпекулации, лажни вести и непроверени „инсајдерски“ информации од неименувани пријатели или поранешни соработници.

Светот го преплавија информации од тоа дека е „прикован“ за кревет и дека се храни со цевче, до тоа дека седи во количка, има слабо помнење и ги поминува деновите гледајќи низ прозорец. Сепак, пред неколку месеци излегоа нови информации за неговата состојба.

Елизабета Грегорачи, поранешна сопруга на Флавио Бриаторе, некогашен сопственик на Бенетон за кој Шумахер некогаш возеше, во италијанскиот „Big Brother“ открила во каква состојба е Шумахер.

„Тој не зборува. Комуницира само со очи и само 3 лица можат да го посетуваат“, рекла Елизабета во реалити програмата.


А колку е тешка состојбата на славниот возач , открил неврологот Ерих Ридерер.

„Михаел Шумахер е буден, дише и срцето му има убав ритам. Веројатно може и да седне, дури можеби и да направи некој чекор со помош на другите, но не повеќе од тоа“, рекол Ридерер кој верува дека тоа е максимумот кој Шумахер ќе го оствари во својот живот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk