Кој не сака добра шега? Ова бил заклучокот на бројните светски компании кои решиле да ги насмеат своите клиенти и следбеници на социјалните мрежи со првоаприлските шеги.
Многу познати брендови трошат многу пари на 1-ви април за да промовираат лажни производи или услуги. Во продолжение се присетуваме на некои кои привлекоа внимание низ годините, но и проверивме што се нуди оваа година.
Шеги низ годините
Во 2019 година, „Tinder“ објави дека ќе додаде нова функција на својата апликација - проверка на висината. „Tinder“ објасни дека корисниците морале да ја вметнат нивната точна висина со фотографија како стојат до некоја деловна зграда. Така апликацијата „ќе знае“ дали ги внесувате точните мерки или не. Корисниците не беа задоволни од новата опција, но „Tinder“ потврди дека се работи за шега.
Во 2017 година, „Coca-Cola“ објави нова верзија на пијалак кој во себе има мала доза на хелиум кој создава „пискав ефект во гласот на оној кој го пие“, велат од компанијата. Со слоган кој гласеше „полетавме“ и графика која прикажуваше шише Кока-кола како левитира, концептот стана популарен на Интернет. Наскоро луѓето сфатија дека тоа е шега бидејќи хемиски е невозможно да се додаде хелиум во кој било пијалак.
Парис Хилтон се здружи со компанијата „SodaStream“ за да промовира чудесен нов вид на минерална вода, „NanoDrop“. Таа тврдеше дека „NanoDrop“ e 5000 пати похидратантна од обичната минерална вода, односно дека една капка заменува цела чаша вода.
Овогодишни шеги
Британскиот „PizzaExpress“ се здружил со оператерот на железницата Хитроу Експрес (кој сообраќа меѓу лондонскиот аеродром Хитроу и лондонскиот Падингтон) и решиле да ги трансформираат своите вагони во првата мобилна пицерија во светот. Патниците само денес можат да изберат која пица сакаат да ја јадат, а со притискање на копче на масата можат да добијат и некои други деликатеси.
Компанијата „Babybel“ која произведува сирење понуди нов хит - „Babybel Inferno“, кој е зачинет со најлутите „ghost“ пиперчиња во светот. Наводно, овој производ е толку лут што лабораториските техничари морале да носат заштитна опрема додека го формулирале. „Пристапете со претпазливост. Консумирањето може да предизвика интензивно потење и пецкање на јазикот и неконтролирана желба за повеќе. Чувајте ги ракавиците и млекото на готовс“, се вели во предупредувањето.