Чипот на "Neuralink" овозможи нешто што досега се сметаше за невозможно.
Бред Смит, поранешен спортист и третата личност во светот што доби мозочен имплант од "Neuralink", стана првиот пациент со амиотрофична латерална склероза (ALS) и прв корисник без способност за говор што ја користи оваа технологија. По дијагнозата на "ALS", Смит повеќе не може да зборува ниту да се движи, но сега може да управува со дигитални алатки исклучиво преку мисли.
Чипот на "Neuralink", вграден во моторниот дел на мозочната кора на Смит, е со големина како пет монети од едно евра ставени едни врз други и содржи над 1.000 електроди кои ги детектираат специфичните мозочни сигнали. Смит ги користи овие сигнали за да управува со покажувачот на својот "MacBook Pro", што му овозможува, на пример, да монтира видеа.
„Neuralink не чита постојан тек на мисли“, објасни тој, нагласувајќи дека уредот ги интерпретира сигналите кои укажуваат како и каде сака да го помести покажувачот на екранот.
Иако прво замислувал движења со раката, подоцна открил дека подобро функционира кога замислува движења со јазикот и стискање на вилицата. Со таа техника го изработил и видеото во кое тој сам води нарација на "YouTube" – првото видео некогаш монтирано со "Neuralink" или со сличен мозочно-компјутерски интерфејс.
Со помош на вештачка интелигенција беше создадена синтетичка верзија од гласот на Смит, базирана на негови претходни снимки, со што му беше овозможено да зборува во видеото со сопствениот глас.
„Возбуден сум што конечно ќе го имам ова во главата и нема да морам повеќе да користам уреди управувани со поглед“, рече Смит во видеото, објаснувајќи дека "Neuralink" му дава далеку поголема слобода од претходниот уред, кој работел само во затемнети простории.
Снимките го прикажуваат Смит како игра "Mario Kart"со своите деца.
„Години работевме за да стигнеме до ова, и сè уште се расплакувам. Прекрасно е повторно да имам цел“, изјави Смит за "Business Insider".
За време на посетата на тимот на "Neuralink", самиот извршен директор на компанијата, Илон Маск, му се јавил на Смит.
„Се надевам дека ова ќе ти го промени животот – и на тебе и на твоето семејство“, му порача Маск во телефонскиот повик.