Новиот ултратенок модел "iPhone 17 Air" носи сериозни компромиси во траењето на батеријата и перформансите, што го прави соодветен само за мал број корисници. "Apple" сè посериозно ја губи довербата во пазарниот успех на овој претстоен уред.
Иако "iPhone 17 Air" ќе биде најтенкиот модел во новата понуда на "Apple" и сигурно ќе го привлече вниманието на љубителите на елегантен дизајн, се чини дека дури и самата компанија смета дека овој уред не е наменет за поголемиот дел од корисниците. Според најновите извештаи од интерни тестирања, само 60-70% од корисниците би можеле да издржат цел ден без полнење. Со други зборови, 30-40% од корисниците би требало веднаш да го избегнат уредот, а "Apple" проценува дека дури 90% од целата корисничка база не е вистинската публика за овој модел.
Решението кое "Apple" наводно го подготвува делува контрадикторно – специјална маска со вградена батерија. Но тоа целосно ја поништува основната причина за купување на овој модел – неговиот ултратенок профил.
Покрај батеријата со пократко траење, "iPhone 17 Air" ќе се соочи и со други ограничувања. Се очекува да користи основна верзија на процесор, без дополнителните можности што ги нудат "Pro" моделите, како и поедноставен систем на камери – најверојатно само еден сензор, без дополнителни леќи.
Поради сите овие фактори, "Apple" и индустриските извори наведуваат дека производството на овој модел ќе биде ограничено на само 10% од производните капацитети. Најголем дел ќе биде наменет за производството на "iPhone 17 Pro Max" (40%) и "iPhone 17 Pro" (25%), додека остатокот ќе оди на стандардниот "iPhone 17".
Иако "iPhone 17 Air" сигурно ќе има свој визуелен шарм и публика која го цени дизајнот, поголемиот дел од корисниците, со право, ќе се одлучат за потрадиционалните и помоќни "iPhone" модели, пренесува "9to5Mac".