Кина гордо го слави својот прв светски шампион во снукер – Џао Синтонг

Супермен

06/05/2025

16:26

1.414

Големина на фонт

а а а

Убедливата и голема победа на снукер играчот Џао Синтонг на Светското првенство во Шефилд денес се слави низ цела Кина, каде професионалци, навивачи и медиуми го величаат раѓањето на нова национална спортска легенда.

Џао во понеделникот навечер ја освои својата прва титула светски шампион, откако во финалето го совлада Велшанецот Марк Вилијамс со 18:12. Со ова тој стана првиот Азијат што ја освојува светската титула во снукер, а на турнирот настапи како аматер, откако неодамна му заврши 20-месечната суспензија поради вмешаност во голем скандал со местење натпревари, во кој беа вклучени дури 10 кинески играчи.

Иако не местење натпревари директно, Џао призна дека бил вклучен во местење на два меча и обложување на снукер, поради што не можеше да се натпреварува до септември минатата година.

Неговиот успех денес беше една од најдискутираните теми на кинеската социјална мрежа "Weibo".


Првата меѓународна снукер ѕвезда од Кина и финалист на Светското првенство од 2016 година, Динг Џунхуи, му честиташе на 28-годишниот Џао.

„Ова е најголемата награда за сите љубители на снукерот во Кина кои со години го поддржуваат овој спорт, чекајќи го токму овој момент. Неговата победа е остварување на сонот што го делат генерации кинески снукер играчи. Пресреќен сум поради неговиот успех и горд на подемот на Кина“, напиша Динг на "Weibo".

Поради својата брза и доминантна игра, Џао го носи прекарот „Циклон“. Иако многумина на "Weibo" се осврнаа на неговата суспензија, еден корисник напиша дека Џао „заслужува прошка“.


На церемонијата за доделување на трофејот, Џао беше завиткан во кинеското знаме.

„Ова не е случајност, туку резултат на години напорна работа зад сцената“, напиша друг корисник.

Многумина се надеваат дека неговата победа ќе го поттикне понатамошниот развој на снукерот во Кина.

„Тој создаде историја“, напиша еден навивач.

Кинескиот снукер играч Си Џахуи, полуфиналист на Светското првенство во 2023 година, му честиташе на својот „постар брат“.


„Ќе ти го дадам мојот стап! Сега имам нов идол!“, напиша Си.

Популарноста на снукерот во Кина нагло порасна во последниве 20 години, главно благодарение на успехот на Динг Џунхуи.

Оваа година на Светското првенство во Шефилд, од 32 натпреварувачи дури 10 беа од Кина – рекорден број.

Кина бележи успеси и во женска конкуренција, каде последниве години титули освоија Бај Јулу и Нг Он Џи од Хонгконг.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk