Семејство земјоделци од Кентаки решително одбива да го продаде своето земјиште на неименуван технолошки гигант, иако им биле понудени дури 26 милиони долари.
Компанија од групата „Fortune 100“ сака на 22 хектари од нивните пасишта да изгради огромен дата-центар (податочен центар), но 82-годишната Ајда Хадлстон и нејзината ќерка Делсија Бер, која е сопственичка на поголемиот дел од вкупно 534 хектари земјиште, не сакаат ни да слушнат за понудата што е десетпати повисока од проценетата вредност на земјиштето.
Хадлстон и Бер им се приклучиле на сè поголемиот број американски земјоделци кои одбиваат огромни суми за да ја сочуваат својата плодна земја од пренамена во огромни постројки за обработка на податоци, клучни за развојот на вештачката интелигенција.
Нивното семејство ја обработува таа фарма веќе со генерации, а Бер за локалната телевизија „WKRC“ истакнала дека постојат работи што не можат да се купат со пари. „Ако мене ме прашувате, ќе останам тука, ќе ја чувам оваа земја и ќе го хранам народот. Тие 26 милиони за мене не значат ништо“, рекла таа.
Семејството Хадлстон не е единствено во тој крај што добило богата понуда за своето земјиште. Додека некои соседи се согласиле да ја продадат земјата по повеќекратно повисоки цени од пазарните, други, како нив, и натаму им одолеваат на притисоците од технолошката компанија.
Како што рекла Делсија, парите не можат да ја надоместат длабоката поврзаност на нивното семејство со тој крај. „Мојот дедо, прадедо и целото семејство тука живееле со години, плаќале данок и од оваа земја ја хранеле нацијата“, нагласила таа.

Како што рекла таа поврзаност не е само од емотивна природа, туку е вткаена и во важни моменти од американската историја. „За време на Големата депресија одгледувале пченица и со неа ги снабдувале народните кујни низ Соединетите Држави кога луѓето немале ништо друго“, додала таа.
Неименуваната технолошка компанија не се откажува од своите планови во тоа подрачје. Наводно на локалната електрана ѝ понудила откуп на количина енергија што е двојно поголема од нејзиното сегашно производство. Но Ајда Хадлстон не сака ни да разговара за сето тоа.
По повеќе од осум децении живот, во текот на кои била сведок на бројни општествени и технолошки промени, Хадлстон има јасна порака: „Нè нарекуваат стари, глупави селани, но не сме. Знаеме што значи кога недостига храна, кога исчезнува земја и кога нема вода. Знаеме и дека ни е доста од сè“, нагласила таа.

На прашањето дали планираниот дата-центар би можел да ја поттикне локалната економија и да отвори нови работни места, Хадлстон таквите тврдења ги отфрлила како „измама“.
„Јас велам дека лажат и дека во тоа нема ни трошка вистина“, порачала таа.
Иако семејството не сака да ја продаде земјата, дата-центарот сепак би можел да никне во нивна непосредна близина, бидејќи некои други фармери веќе ги продале своите имоти. Но за Делсија Бер нејзината приврзаност кон земјата не е доведена во прашање. Таа ја споредила со односот на Скарлет О’Хара кон земјата во филмот „Однесено со виорот“ (Gone with the Wind).

„Како што таа беше врзана за својата земја и како што нејзиниот дух никогаш не можеше да умре, така е и со мене овде“, рекла таа. „Сè додека сум на оваа земја, сè додека таа ме храни и се грижи за мене, ништо не може да ме скрши“, заклучила таа.