Конте нема да го води Наполи на натпреварот за титула: Иритиран сум, вакво нешто нема во Англија!

Дерби

19/05/2025

09:46

457

Големина на фонт

а а а

Наполи ја преживеа Парма и ремизираше на „Енио Тардини“ со резултат 0:0, пред се благодарение на услугата која ја доби од Лацио кој во финишот од дербито израмни на „Џузепе Меаца“ и го остави Интер во ситуација да не зависи сам од себе.

Интер на двапати водеше против Лацио и во добар дел од второто полувреме имаше предност на табелата пред Наполи, но двата погодоци на Педро ги вратија работите во полза на „наполитанците“, кои сега во последното коло треба да остварат било каква победа против Калјари за да станат шампиони.

Бодрени од својата публика, избраниците на Антонио Конте сигурно ќе имаат дополнителен мотив и желба да ја остварат целта која изгледаше незамислива, но на најважниот меч во сезоната играчите нема да бидат водени од својот лидер од клупата.

Конте избувна во завршницата од мечот со Парма и поради клинч со Киву заработи директен црвен картон, па сега ќе одлежи суспензија во последната рунда во која ќе се решава Скудетото.

– Иритиран сум, цела година работиме за да стигнеме до крајот, а сега нема да бидам дел од тој одлучувачки меч. Сепак, јас му верувам на мојот стручен штаб и на моите момци, но најмногу од се, им верувам на навивачите кои ќе не бодат на „Диего Марадона“. Да бидам искрен, бев бесен од валканите игри кои ги играше Парма. Навикнав на нешто друго во Англија, таму нема ситуации во кои се стопира играта поради грчеви, повреди и преправање дека има повреди. Бев иритиран и бесен и затоа добив црвен картон, – изјави Конте.

– Блиску сме до Скудетото, но треба да го направиме завршниот чекор. Тоа ќе го направиме на домашен терен и сигурен сум дека поддршка нема да ни недостасува. Ова е многу тешка сезона, најтешка во мојата тренерска кариера, па и покрај сите комликации, останавме при врвот до крајот. Сега сме на чекор од нешто незамисливо и треба да одиме докрај, – заврши Конте.