Еден од најпопуларните македонски YouTube креатори Стефан Лазаров, оваа година одбележува значаен јубилеј – 5 години постоење на својот канал, кој прерасна во еден од највлијателните дигитални медиуми во земјава.
Преку своите подкасти, Лазаров успеа да го привлече вниманието на широката јавност и да создаде простор, каде што во изминатите пет години гостуваа некои од најголемите имиња на македонската естрада, медиумите и јавниот живот, претворајќи го каналот во медиумска платформа која ги надминува границите на класичната забава.
По повод одбележувањето на јубилејот, Лазаров на 18 јуни ќе приреди гала вечер насловена „Lazarov Awards“, во рамките на која ќе биде одржан најголемиот giveaway во регионот, со највредниот подарок досега - стан од 36 метри квадратни во населбата Ченто во Скопје. Покрај ова, ќе следуваат и други подароци, како симбол на благодарност кон заедницата која со години го следи и поддржува Лазаров.
На гала вечерта, која ќе биде пренесувана во живо на YouTube каналот на Лазаров, ќе присуствуваат бројни познати личности од естрадата и јавниот живот во Македонија, кои со свои гостувања во изминатите години кај Лазаров, придонесоа каналот да стане мега популарен на YouTube платформата.
Покрај доделувањето на главните подароци, ќе бидат доделени и специјални признанија за личности, проекти и заедници кои оставиле значаен белег во медиумскиот простор и јавниот живот, како и ексклузивни изненадувања специјално подготвени за оваа вечер. Целата програма е осмислена како совршен спој на забава, емоција и автентична благодарност кон публиката, која е сржта на петгодишното YouTube патешествие на Лазаров. Настанот ќе понуди незаборавна атмосфера, со моменти што инспирираат, мотивираат и ја слават моќта на заедницата што се гради преку екранот - но се чувствува во живо.
Особено значаен момент од вечерта ќе биде и прикажувањето на видео тизер за документарниот филм посветен на Зоран Василевски – Фаци, прерано починатиот новинар и пријател на Лазаров, кој остави неизбришлива трага во медиумскиот простор. Овој момент ќе додаде емотивна димензија на целата програма и ќе потсети на значењето на автентичноста, хуманоста и пријателството во јавниот живот.
Како загревање за гала вечерта, на 21 мај во Ragusa 919 ќе се одржи настан, на кој ќе биде доделен уште вреден подарок – автомобил Peugeot 3008 (2020 година). Настанот ќе биде збогатен со настапите на Мики Секуловски и Хепи Енд Бенд, а исто така е биде пренесуван во живо, на YouTube каналот на Лазаров.