Атлетико демантира декa Кореа ќе го напушти клубот

Макфакс

19/05/2025

14:21

120

Големина на фонт

а а а

Атлетико Мадрид денес објави дека клубот не добил никакви понуди за аргентинскиот репрезентативец Анхел Кореа.

Некои шпански медиуми објавија дека Кореа добил понуда од мексиканскиот тим Тигрес и дека се збогувал со навивачите на Атлетико на вчерашниот натпревар од 37-то коло од Ла Лига против Бетис (4:1).

„Со оглед на сомнежите што се појавија по вчерашниот натпревар против Бетис, клубот сака да објави дека Кореа има договор со Атлетико до 30. јуни 2026 година. Ниту еден клуб не нè контактирал за да преговара за евентуален трансфер на играчот, ниту пак неговиот менаџер побарал трансфер“, се наведува на официјалната веб-страница на Атлетико.

Клубот во соопштението потсети дека Кореа пристигна во Атлетико во декември 2014 година од Сан Лоренцо и оттогаш одигра 465 натпревари и постигна 88 гола.

Кореа (30) одигра 27 натпревари за аргентинската репрезентација и постигна три гола. Беше дел од националниот тим кој во 2022 година стана светски првак.