"Mazda MX-5" е навистина разновидна машина – без мака ќе ве носи на работа дури и во најстудените зимски денови, а за време на викендите ќе блеска на тркачка патека или во лежерно возење со спуштен кров. Единственото нешто за што инженерите никогаш не ја замислувале е – возење "оф-роуд".
Но, оваа верзија го менува тоа. Иако и понатаму има погон на задните тркала, овој примерок од првата генерација "NA Miata", кој моментално се продава преку платформата "Cars & Bids", е опремен со компоненти подготвени за оф-роуд авантури – па може да тргне таму каде што стандардна "MX-5" никогаш не би ни помислила, освен ако не е врзана на кровот од "Jeep Wrangler".
Првично се работи за "M Edition" од 1994 година во боја "Montego Blue Mica", но сега го носи прекарот „Бајата“ (Bajayata) и е опремена со "Paco Motorsports Offroadster" пакет. Овој сет ѝ овозможува двојно поголем клиренс од некои SUV модели, 31-инчни "BF Goodrich" гуми и "AFCO Racing" амортизери со специјално приспособени вентили на сите четири страни, под рачно заварени проширувања на калниците.
"Zerek Fabrication" заштитни шипки напред и назад, заштитни панели под подвозјето и "Track Dog Racing Hard Dog" дијагонален заштитен кафез ги штитат и возачот и механичките компоненти. На "SQIIRL MODS" багажникот е закачено резервно 15-инчно тркало – во случај некое од џиновските тркала да се оштети од остар камен.
Но, тука не завршуваат модификациите. Дополнителната тежина од тркалата и гумите би го „задушила“ одзивот на серискиот 1.8-литарски мотор со 128 коњски сили (или 130 коњски по PS норма), па затоа е вграден "Flyin‘ Miata" турбополнач и замаец од кован челик, со шестстепен менувач преземен од "MX-5" од 2004 година.
Вистинското изненадување, сепак, е внатрешноста: сопственикот ги задржал оригиналните спортски седишта и теписите во боја на кожа, наместо очекуваните голи метални подови и фиксни спортски школки. Необична комбинација, но оригиналните компоненти веројатно нудат поголема удобност при возење надвор од асфалт.
Иако сме виделе и други подигнати "Miata" модели, овој дефинитивно се вбројува меѓу подобро изведените. Можеби нема да биде по вкус на сите, но изгледа забавно и се вклопува во актуелниот тренд. На крајот на краиштата, и "Lamborghini" и "Porsche" веќе нудат теренски верзии на "Huracan" и "911". А оваа ќе биде далеку подостапна од половен "911 Dakar", чии примероци се продаваат за повеќе од 280.000 евра.