Уште пред официјалната премиера, главната грижа околу ултра-тенкиот "Samsung Galaxy S25 Edge" беше – дали токму поради својата дебелина ќе биде премногу кревок?
Сега добивме одговор на тоа прашање. Откако "Samsung" го претстави уредот во мај, кој на европскиот пазар стартува со цена од 1.249 евра, популарниот "YouTube" креатор "JerryRigEverything" конечно го тестираше.
Овој Јутјубер е познат по своите ригорозни тестови на издржливост на паметни телефони – некои модели ги поминуваат успешно, а некои не толку славно. Но "Galaxy S25 Edge" го помина тестот повеќе од успешно.
"JerryRigEverything" спроведе неколку тестови, вклучувајќи и екстремно виткање со максимален притисок од предната и задната страна. Резултатот? Уредот не претрпе никакви структурни оштетувања – ниту на задниот панел, ниту на екранот – и остана целосно функционален.
Дисплејот го преживеа и тестот на отпорност на топлина – издржа изложеност на пламен повеќе од 30 секунди без видливи оштетувања.
"Galaxy S25 Edge" се рекламира како најтенкиот премиум телефон кој "Samsung" досега го има претставено – дебелина од само 5.8 мм и тежина од 163 грама. И покрај ваквиот тенок и лесен дизајн, уредот има врвни спецификации: 6.7-инчен "QHD+" дисплеј со адаптивна стапка на освежување, "Snapdragon 8 Elite" чипсет, камера од 200 MP и "IP68" сертификат за отпорност на вода и прашина, пренесува "Sammy Fans".
Издржливоста на ваков тенок уред е резултат на прецизен инженеринг и употреба на нови материјали. "S25 Edge" користи "Corning Gorilla Glass Ceramic 2" – ново заштитно стакло со микрокристали вградени во самата структура, што ја зголемува цврстината и ја намалува можноста за пукање, а притоа го задржува елегантниот изглед.
Телефонот има и титаниумска рамка, која дополнително го зајакнува куќиштето. "Samsung" првпат користеше титаниум на "Galaxy S24 Ultra", а потоа и на "S25 Ultra". За разлика од алуминиумот, кој може да попушти под силен притисок, титаниумот нуди поголема отпорност и помала тежина – што придонесува за подобра удобност при подолго користење.
Сето ова само потврдува дека "Galaxy S25 Edge" мораше да го помине тестот на виткање.