Новак Ѓоковиќ со мали проблеми успеа да слави во четвртфиналето на Вимблдон, поради тоа што го победи Италијанецот Флавио Коболи со 3:1 во сетови.
Српскиот тенисер на тој начин „закажа“ дерби со Јаник Синер во полуфиналето на престижниот турнир, но воедно веќе заработи огромна сума на пари.
На 38-годишна возраст, Новак импресионира со движењето и нивото кое го нуди на овогодишниот Вимблдон, а сега на патот до неговата осма титула стојат Јаник Синер, а за финалето му е проектиран и Карлос Алкараз.
„Се трудам да работам со она што го имам и поседувам. Задоволен сум што се движам вака на 38 години, отсекогаш сум давал максимум на грен слем турнирите. Ќе видиме дали ќе издржам, Јаник и Карлос се доминантна сила во тенисот во овој момент. Ќе треба да го победам светскиот рекет број еден, а потоа најверојатно и Алкараз. Се надевам дека ќе можам тоа физички да го издржам. Тоа ми е поголема грижа, отколку нивото на кое играм. Ако успеам да победам против двајцата најдобри, триумфот ќе биде уште посладок“, изјави Новак по натпреварот.
Според официјалните податоци, секој полуфиналист на Вимблдон ќе заработи најмалку 775.000 фунти, што е околу 900.000 евра.
Поразените во финалето на Вимблдон ќе добијат 1.520.000 фунти, додека пак на победникот ќе му припаднат дури три милиони фунти.
Интересно е тоа што Ѓоковиќ до крајот на годината од шеикот од Саудиска Арабија би можел да заработи уште поголема сума на пари.
Како и минатата година, српскиот тенисер би требало да игра на егзибицијата со име „Six Kings Slam“ каде на победникот треба да му припаднат околу шест милиони евра, а секој од учесниците би можел да биде побогат за 1,5 милиони.
Што се однесува до АТП бодовите, Новак и натаму е во плус.
Тој и минатата година играше финале на Вимблдон, така што доколку не дојде до борбата за титула, ќе изгуби АТП поени, но во најлош случај ќе остане шести на светот.
Во случај да ја освои титулата на Вимблдон, српскиот тенисер би можел да се искачи на четвртата позиција (потребно е и Тејлор Фриц да испадне во полуфиналето).