[ФОТО] "BMW" создаде ѕвер на две тркала: Новиот „Titan“ изгледа како да доаѓа од иднината

Точка

14/07/2025

18:02

734

Големина на фонт

а а а

На овој мотоцикл речиси и да не остана ништо што потсетува на оригиналниот модел.

Во срцето на овој проект се наоѓа страста кон мотоспортот, дизајнот на возила и, секако, кон брендот "BMW Motorrad".

Мала, посветена група вработени доби можност да ја преточи таа фасцинација во целосно уникатен мотоцикл.

Во проектот учествуваа менаџерот Филип Лудвиг, дизајнерот на возила Андреас Мартин, дизајнерката за бои и графика Тереза Штукенброк, како и искусните прототип-мајстори Паул Цумерер и Томас Бекер.


Резултатот од нивната соработка е "BMW R 1300 R Titan" – уникатен мотоцикл со бескомпромисен пристап: агресивен, прецизен и насочен кон перформанси.

Мотоциклот е базиран на новиот модел "BMW R 1300 R", но неговите дизајнерски карактеристики се пренесени во форма на „sprint bike“.


Линиите на резервоарот и обвивката се пренесени во тркачки монокок. Препознатливиот воздушен канал од серискиот модел е уште повеќе нагласен во верзијата "Titan".

Визуелно и функционално, масата е значително пренесена кон предното тркало – за да се обезбеди максимална влечна сила.


Пропорциите на мотоциклот се изградени околу 1300-кубниот боксер мотор. Дури и кога стои во место, „Titan“ зрачи со напнатост и сила, како голема мачка подготвена за скок.

Впечатливите графики со контрастни карбонски површини се надополнети со металик сини детали кои дополнително го потенцираат впечатокот на брзина.

Техничка поддршка обезбеди партнерот на "BMW Motorrad" – "Akrapovič", кој разви специјален титаниумски издувен систем.


Неговиот двоен дизајн завршува под високо поставениот заден дел на мотоциклот. Тука се наоѓа и специјално вградена единица за азотен оксид, која може да се активира со притискање на копче и веднаш ја зголемува силата на моторот.

За забрзување се користи стандарден менувач со кардански пренос, а за безбедно сопирање е задолжен системот "Magura HC3".


Посебниот "Wilbers" систем на суспензија со продолжена задна вилушка обезбедува пониско тежиште и максимален пренос на моќноста.

Позицијата на потпирачите за нозе – ниско и наназад – е осмислена за оптимална контрола при силно забрзување, што дополнително го засилува тркачкиот карактер на овој уникатен "BMW".

„Titan“ не е само експериментална машина – тој е манифест на сурова моќ, техничко совршенство и дизајнерска слобода.