Враќање на "Volkswagen": Продажбата на електрични модели експлодира

Точка

12/07/2025

13:43

1.242

Големина на фонт

а а а

Конечно добри вести за "Volkswagen" групацијата. Нивната електрична стратегија, која некогаш се сметаше за бавна и неубедлива, сега добива сериозен замав. Повеќе брендови внатре во овој голем автомобилски концерн бележат значителен пораст во продажбата на електрични возила.

До крајот на јуни, глобалната испорака на исклучиво електрични модели пораснала за дури 47%, достигнувајќи 465.500 возила. Во Европа, продажбата на групацијата пораснала за 19%, додека порастот на нарачките за електрични возила изнесува неверојатни 89%.

Уделот на "EV" модели во вкупната продажба се зголемил од 7% на 11%. Кај "PHEV" сегментот (полнети хибриди), понудата е значително проширена, па не изненадува што глобалната продажба пораснала за 41%. Новите "plug-in" хибриди сега нудат електричен домет до 143 километри.

Вредно е да се спомене дека вкупната продажба на групацијата изнесувала 4,41 милиони возила, што претставува раст од 1,3% во споредба со истиот период минатата година.


Раст по брендови

Гледано по брендови, посебно се издвојуваат два. Од една страна тоа е "Škoda" со раст од 147,8%, а во премиум сегментот тоа е "Porsche", кој благодарение на успехот на електричниот "Macan" со 25.900 продадени примероци, го надомести слабиот резултат на "Taycan" и забележа пораст од дури 279%.

• Volkswagen (главен бренд): +14,3% или 192.600 возила

• Škoda: +147,8%, со 73.000 испорачани EV модели

• SEAT и Cupra: заеднички раст од 105,3% или 37.600 возила

• Audi: +32,3%, со 101.400 електрични возила

• Porsche: +279%, со 34.200 испораки, претежно благодарение на силната побарувачка за електричниот Macan


Најпродавани модели

До крајот на јуни, "ID. 4" и "ID. 5" биле најпродаваните електрични модели на групацијата со 84.900 испораки. Потоа следува "ID. 3" со 60.700 примероци, додека "Audi Q4" e-tron и неговата "Sportback" верзија бележат 44.600 продадени единици.


Светла иднина

Најголемата причина за оптимизам? Најдостапните "EV" модели на "VW" сè уште не се лансирани на пазарот. Идната година пристигнува "ID. 2" со почетна цена од околу 25.000 евра, а "ID. 1" се очекува во 2027 година по цена од околу 20.000 евра. Според вообичаената "VW" стратегија, овие модели ќе добијат варијанти и под други брендови од групацијата.

Со пристигнување на поевтини електрични модели и деветтата генерација на "Golf" која ќе биде целосно електрична (пред 2030 година), иднината на "VW" групацијата изгледа многу подобро. Притоа, нема да се соочува само со конкуренцијата од "Tesla", која веќе губи чекор на пазарот, туку и со "Stellantis", "Renault" и новите кинески брендови.


Профитабилноста останува предизвик

"VW" е во процес на агресивно намалување на трошоците, што вклучува укинување на повеќе од 35.000 работни места во Германија до 2030 година. Домашниот капацитет на производство ќе се намали за 734.000 единици, делумно со пренос на производството на актуелниот "Golf" во Мексико. Исто така, иднината на фабриката во Оснабрик е неизвесна по прекинување на производството на "T-Roc" кабриолетот во 2027 година, а фабриката во Дрезден целосно ќе ја прекине производството до крајот на оваа година.

И покрај растот на продажбата, "VW" сè уште се соочува со голем проблем – профитабилноста на електричните возила. Компанијата признава дека сè уште не остварува значителна добивка од EV моделите, и планот е од следната година заработката по примерок да биде на ниво со моделите со класичен погон.