Отфрлен е хибридниот систем, а надградени се шасијата, каросеријата и системот за ладење.
Понудата на "Lamborghini" никогаш не би била комплетна без тркачки автомобили, а сега пристигна и првиот базиран на новиот модел "Temerario".
Поради правилата на натпреварувањата, "Temerario GT3" останува без хибриден погон и добива серија надградби кои го претвораат во полесна, поцврста и поиздржлива машина за тркачки патеки.
Сè уште го придвижува битурбо 4.0-литарски V8 мотор, но сега тој произведува 550 коњски сили, за разлика од 800 коњски сили кај „цивилната“ верзија.
Вкупната разлика во моќноста е уште поголема ако се земе предвид дека стандардниот "Temerario" има и електромотор, со кој вкупната моќност достигнува 920 коњски сили.
Моторот сега има редизајниран довод на воздух – потребен за новите, помали турбополначи – како и титаниумски клипни прачки и нова калибрација која овозможува поширок распон на максимална моќност низ целата ротациона скала.
Инженерска прецизност за лесно одржување
Една од клучните карактеристики на верзијата "GT3" е лесното сервисирање на возилото. "Lamborghini" го дизајнирал автомобилот така што механичарите во бокс можат брзо да ги заменат каросериските панели, деловите на суспензијата и другите компоненти.
Со отстранување на хибридниот систем, променет е и алуминиумскиот рам. Конструкцијата е поедноставена, а задниот дел е адаптиран на нов шестостепен трансверзален менувач.
"GT3" добива и нова карбонска каросерија, која го задржува визуелниот идентитет на стандардниот "Temerario", но значително ја подобрува аеродинамиката и ладењето.
Предниот и задниот дел се изработени како единечни структури, додека подвозјето се состои од четири одвоени сегменти, што овозможува побрзи поправки за време на трки.
Премиера во 2026 – цел: тркачкиот врв
Тркачкиот "Temerario" нуди и целосно интегрирана заштитна рамка, подобрен систем за проток на гориво, шестостепени KW амортизери, хидрауличен управувачки систем и 18-инчни "Ronal AG тркала".
Моментално, автомобилот е во развојна фаза, а тркачкото деби ќе го има на познатата трка „12 часа Себринг“ во март 2026 година.
До тогаш, останува да гледаме како оваа нова "GT3" ѕверка се подготвува за напад на тронот во светот на трките.