Милијардерот Џеф Безос и неговата нова сопруга Лорен Санчез повторно се тема на интернет откако младенците објавија свадбени фотографии со повеќе прсти отколку што треба, но тоа не е сè…
Фотографиите од луксузната венчавка на Џеф Безос и Лорен Санчез повторно се главна тема на социјалните мрежи, но не поради луксузот, туку поради деталите што го привлекоа вниманието на многумина.
Спектакуларната свадба одржана на крајот од минатиот месец во Венеција, за која се тврди дека чинела дури 50 милиони долари, сè уште не се симнува од насловните страници. Меѓутоа, откако Лорен сподели серија фотографии од својата венчаница на Инстаграм, социјалните мрежи „зовреа“ – но поради пропустите во фотошопирањето на фотографиите.
За големиот ден, Лорен носеше раскошен чипкан фустан од „Долче и Габана“, украсен со цветни детали, долги ракави, вграден корсет и импресивен вел. На објавените фотографии, сè изгледаше како бајка – сè додека корисниците на социјалните мрежи не почнаа да забележуваат нелогичности.
На едната фотографија фустанот има копчиња по целата предна страна, додека на другата нема ниту трага од истите копчиња под половината.
Некои следбеници тврдат дека станува збор за грубо „фотошопирање“, а во коментарите се издвоени и други детали – на гостите им „недостасуваат“ прсти, а еден бел стол се чини дека лебди, без нога.
Во коментарите на објавата на Инстаграм, еден корисник напишал: „Дали е ова некаков социјален експеримент? На едната фотографија копчињата одат сосема до долу, на втората застануваат на средината од фустанот? Што се случува со нејзините прсти на првата фотографија? Тоа се многу чудни работи за венчавка со толку многу публицитет. Почудно од списокот на гости“.
Друг корисник шеговито напишал: „Колку палци имаш девојко?“
Корисничката на Инстаграм, Алисон МекСорли, објавила видеоснимки со анализа на фотографиите од венчавката на векот во Венеција. Една објава наведува: „Ова е синтетичка бајка. Свадбените фотографии на Џеф Безос и Лорен Санчез имаат очигледни знаци на интервенција на вештачката интелигенција: промени на копчињата, деформирани гости и искривени прсти“.
Но, ги имало и оние кои истакнале дека Лорен Санчез Безос не е единствената и дека невестите ги уредуваат своите свадбени фотографии со децении.