Нова студија: Хибридите ја загадуваат животната средина речиси исто како и бензинците

Супермен

21/10/2025

20:29

341

Големина на фонт

а а а

Анализа на 800.000 возила низ Европа открива дека хибридните автомобили реално испуштаат скоро пет пати повеќе штетни гасови отколку што покажуваат лабораториските тестирања, се наведува во најновата студија.

Според истражувањето на непрофитната организација „Transport & Environment“, хибридните возила испуштаат само 19% помалку јаглерод диоксид во споредба со автомобилите на бензин и дизел. Ова е во драстичен контраст со податоците од лабораториските тестови, според кои се тврди дека хибридите загадуваат 75% помалку од стандардните автомобили.

Европските производители на автомобили активно ги промовираат хибридните возила кои користат електрични батерии покрај мотор со внатрешно согорување – како решение за намалување на емисиите на CO₂.


„Реалните податоци покажуваат дека овие возила испуштаат далеку повеќе штетни гасови отколку што се прикажува во лабораториите“, изјави Софија Навас Голке, една од авторките на студијата.

Истражувањето опфати 800.000 возила во период од 2021 до 2023 година.

Аналитичар: „Произведувачите не се реални“

Авторите на студијата ја припишуваат разликата помеѓу нивните резултати и лабораториските тестови на фактот дека хибридните автомобили во текот на возењето поминуваат само 27 отсто користејќи електричен погон, додека официјалните проценки велат дека тој процент изнесува 84 отсто.

Во анализата се наведува дека двете корективни мерки објавени од Европската комисија ќе ја намалат оваа разлика, но нема целосно да ја надминат. Студијата покажа дека, дури и кога користат електричен режим, хибридните возила испуштаат повисоки нивоа на штетни емисии од официјалните проценки.

Причината за ова е што нивните електрични мотори не се доволно силни за да работат независно, па затоа за време на третината од растојанието што го поминуваат на електрична енергија, тие исто така согоруваат фосилни горива.


„Смелите тврдења на производителите на автомобили за нивните хибридни возила не се реални“, рече аналитичарот Колин Вокер.

Хибридите во политичката арена

Хибридните возила повторно се турнати во политичката дебата бидејќи произведувачите на автомобили вршат притисок врз ЕУ да ги ублажи целите за намалување на емисиите на CO₂, според Гардијан.

Забраната за автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2035 година наиде на отпор од автомобилската индустрија и земјите што имаат развиено производство на автомобили.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека не смее да има драстично намалување на производството на автомобили со мотори со внатрешно согорување во 2035 година, додека некои германски политичари ги гледаат хибридните возила како начин за пофлексибилни нови регулативи на ЕУ.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk