„Alfa Romeo“ ги враќа своите „најлуди“ автомобили од мртвите

Точка

24/10/2025

19:31

557

Големина на фонт

а а а

Италијанскиот производител ги оживува моделите "Giulia" и "Stelvio Quadrifoglio" со моќниот V6 мотор.

Додека автомобилскиот свет со нетрпение ја очекуваше новата генерација на моделите "Alfa Romeo Giulia" и "Stelvio", компанијата „Stellantis“ одлучи да ги промени плановите – продолжувајќи ја производството на актуелните модели до крајот на 2027 година, со што нивните наследници се одложени.

Но тоа е само половина од приказната. Покрај стандардните верзии, брендот планира повторно да ги оживее укинатите "Quadrifoglio" модели и потврди дека нема намера да навлегува во повисоките автомобилски сегменти – одлука која и не е изненадувачка, со оглед на тоа што секој извршен директор на „Alfa Romeo“ во последните две децении ветувал голем седан или SUV, а ниту еден од тие проекти не се реализирал.


Големата „Alfa“ е мртва

Извршниот директор на „Alfa Romeo“, Санто Фичили, треба да ја претстави ревидираната развојна стратегија во првата половина на 2026 година. Пред тоа, тој даде неколку насоки за „Automotive News“.

Фичили потврди дека марката ќе се фокусира на мали (Junior), компактни (Tonale) и средни модели (Giulia/Stelvio), нагласувајќи дека големите автомобили едноставно не се „територија на брендот“.

Ова претставува значајна промена во однос на плановите на претходниот директор, Жан-Филип Импарато, кој посакуваше „Alfa Romeo“ да развие голем SUV со целосно електричен погон. Планираниот врвен модел требаше да ја користи платформата "STLA Large" на "Stellantis" и да пристигне во 2027 година, пред сè за пазарите во Северна Америка и можеби Кина.

Сепак, новото раководство покажува многу помал интерес за трка со "BMW", "Mercedes" и "Audi" во сегментот на големи електрични возила.

Наместо тоа, одложените наследници на "Giulia" и "Stelvio" ќе останат на врвот на понудата на брендот.

Изградени на платформата "STLA Medium", тие ќе бидат достапни и со хибриден и со целосно електричен погон.


Враќање на детелината со четири листови

Само неколку месеци откако светот се прости со "Quadrifoglio" верзиите на "Giulia" и "Stelvio", двата модели веќе се подготвуваат за враќање.

Џулс Тилстон, генерален директор на „Alfa Romeo“ за Велика Британија, изјави за „Autocar“ дека производството на "Giulia" и "Stelvio Quadrifoglio" ќе започне повторно во април 2026 година.

Тилстон објасни дека погонот „ќе остане во суштина ист“, што сугерира дека двата модели ќе го задржат неелектрифицираниот двотурбо 2.9-литарски V6 мотор под хаубата.

Моторот би можел да претрпи мали приспособувања за да ги исполни "Euro 7" стандардите за емисија на гасови, но не се очекуваат значајни промени во перформансите.

Овој V6 агрегат развиваше до 520 коњски сили (383 kW) во специјалните изданија "Quadrifoglio", а дури 540 коњски сили (397 kW) во ограничените серии "Giulia GTA" и "GTAm".

Претходни извештаи сугерираат дека „Alfa Romeo“ размислува и за верзии со мотори со внатрешно согорување, како и за целосно електрични изведби на идните "Quadrifoglio" модели.