Германскиот произведувач на автомобили „Mercedes-Benz“ тивко спроведува една од најголемите програми за доброволно отпуштање во автомобилската индустрија во последниве години.
Според пишувањето на „Handelsblat“ околу 4.000 работници досега ја напуштиле компанијата, прифаќајќи отштета – значително повисока отколку што менаџментот очекувал.
План за штедење
Програмата е дел од поширокиот план за штедење во којшто генералниот директор Ола Келениус сака да ги намали трошоците за пет милијарди евра до 2027 година, од што се планира заштеда околу милијарда преку намалување на трошоците за работа. Мерките се насочени кон т.н. индиректно вработување, т.е. свет којшто не работи директно во производство, како што се административците, инженерите или IT експертите.
Поради договорот за забрана за отпуштање во Германија којшто важи до крајот на 2034 година, „Mercedes“ бил принуден да понуди великодушни отштети за да ги поттикне доброволните откази.
Според информации на инсајдери, дури 40.000 вработени ја прифатиле понудата. Т.н. „турбо бонус“ за оние кои ја донеле одлуката бил особено атрактивен – долгогодишните вработени можеле да добијат шестцифрени износи.
На пример, 55-годишниот лидер на тимот со плата од 9.000 евра би можел да добие отштета од околу половина милион евра, известува „Handelsblat“.
Бран на отпуштања во целата автомобилска индустрија
„Mercedes“ не е исклучок. Германската автомобилска индустрија во последниве две години изгубила повеќе од 55.000 работни места.
Сепак, „Mercedes“ тврди дека програмата не е „намалување на бројот на работните места“ туку дел од трансформацијата. Истовремено, компанијата вложува во преквалификација за вработените за да ги пренасочи кон „работите на иднината“.
Производството се сели во Унгарија, германските фабрики се празни
Заштедите не се спроведуваат само преку отштета. „Mercedes“ планира да го прошири своето производство во Унгарија каде трошоците, според податоците на компанијата, се дури 70 отсто пониски од Германија.
Истовремено луксузните модели од „S“ класа и „EQS“ се сместени во една смена во фабрика, а минатата година биле произведени 205.000 возила, во споредба со повеќе од 330.000 во 2018 година.
Проблеми во Кина и САД, неуспех на стратегијата за електрични автомобили
Најголемиот предизвик доаѓа од пазарот. Во Кина, најважниот пазар за „Mercedes“, постои жестока конкуренција и „војна“ во цените.
Во САД работата ја отежнуваат царините. Покрај тоа, стратегијата на преминување исклучиво на електрични автомобили до крајот на деценијата морала да биде повлечена, само еден од десет нови „Mercedes“ автомобили е целосно електричен, а постоечките електрични модели послабо се продаваат, особено во Кина.
Затоа „Mercedes“ сега вложува во модернизација на класичните модели со внатрешно согорување, но и подготвува нова генерација електрични возила. Годинава веќе беа претставени електричниот „CLA“ и ажурираниот „GLC SUV“.