Ерик Шмит е поранешен извршен директор на Гугл, чие богатство се проценува на 45 милијарди долари. Тој уверува дека тајната на неговиот успех не е во бескрајните часови поминати во канцеларија.
Всушност, тој го припишува својот успех на една едноставна навика за која верува дека ќе биде пресвртница за секој што сака да ја зголеми својата продуктивност. Имено, тој препорачува секој викенд да одвоите неколку часа за размислување и да земете пенкало и хартија. Екраните во овој случај не се прифатливи.
Ова е нешто за кое зборувал во интервју во поткастот „The Gstaad Guy Podcast“.

„Во текот на неделата, работете навистина напорно, колку што можете – 12, 14 часа на ден. За време на викендите, кога сте дома или со вашето семејство, одвојте неколку часа за размислување. Исклучете го телефонот, не пишувајте пораки, не следете што има на Инстаграм итн. Размислете и запишете процена за тоа што сте направиле во текот на неделата, а потоа што треба да направите следната недела за да ги надоместите работите што сте заборавиле да ги направите минатата недела“, предложил Шмит.
Тој инсистира на оваа практика бидејќи мисли дека истата тренира на фокусирање на одговорност.
„Тоа е добар трик бидејќи ве принудува да преземете одговорност за вашата следна недела“, додал тој.
Но, ова не значи да си поставувате повеќе задачи за време на викендот. Станува збор за користење на вашето слободно време за, како што рече тој, рекалибрација, што му помогнало да сфати дека повеќе време поминато на биро не секогаш значи подобри работни резултати. Напротив. Тој тврди дека секој може да го практикува ова, без оглед на неговата работна позиција, особено оние кои се презаситени од користење на електронски уреди.

Шмит додал дека со усвојување на оваа викенд навика, можете да си помогнете и во забележување на малите проблеми пред да станат големи и да се фокусирате на важните работи. Како што забележал самиот тој, пишувањето значи јасност, а јасноста ги прави најмоќните луѓе во светот не само зафатени, туку и ефикасни, пренесе „Fortune“.