Јуф е сместен во општината Аверс во кантон Граубинден на истокот на Швајцарија. До него води асфалтиран пат, по кој осум пати на ден, во текот на целата година, сообраќа јавен превоз.
Бајковити предели, разновидна природа, висок квалитет на животот, чоколада, часовници, јодлање… Сето тоа, секако, е Швајцарија! Земја во која се зборуваат дури четири јазици, полна со урбана култура и возбудливи алпски активности… Брзите градови како Цирих, Женева, Базел, Лозана и Берн ве повикуваат на истражување, но постои и другата страна на Швајцарија — недопрена, мирна и малку изолирана. Затоа овој пат ве носиме во Јуф, село во општината Аверс во кантонот Граубинден на истокот на земјата. Со 2126 метри надморска височина, се смета за највисокото село со постојани жители во Западна Европа.
Долината во која се наоѓа селото е опкружена со планински врвови повисоки од 3000 метри
Според податоците од 2016 година, во ова планинско место живеат само 31 човек, односно шест семејства. Првите жители на Јуф биле припадници на валсерскиот народ од горната долина на реката Рона, кои во споменатото село пристигнале далечната 1292 година. Кога помеѓу 12. и 14. век мигрирале во соседните алпски долини, се населиле во делови од Италија, Австрија, Лихтенштајн и Швајцарија, често обработувајќи недопрени пасишта на високи надморски височини.
Јуф се наоѓа непосредно над десниот брег на реката Јуфер Рајн, пред нејзиниот слив во Бергалгабах. Малата долина во која лежи ова живописно село е опкружена со неколку планински врвови повисоки од 3000 метри, меѓу кои највисоки се Мацаспиц, Пиц Пиот и Пиц Турба. Целата долина се наоѓа над 2000 метри надморска височина.
Сите куќи имаат покриви од гранит, кои можат да траат и до околку 200 години
За разлика од населените места во пониските долини, Јуф е сместен многу над границата на шумата. Всушност, најблиската шума е од самото село оддалечена околу пет километри. Како резултат на тоа, целото подрачје има студена и влажна клима, со просечни температури кои се многу пониски од оние во Ла Бревин, традиционално најстуденото населено место во Швајцарија. Согласно тоа, снег таму може да падне дури и во текот на летото!
Куќите и шталите во Јуф традиционално се градат од дрво, а селските прописи исто така налагаат сите покриви да бидат од гранит, кој може да трае и околу 200 години. Жителите некогаш сувите животински ѓубрива ги палеле и користеле како гориво, а некои стари објекти за сушење на истото ѓубриво се зачувани до денес.
Единствениот семеен ресторан и пансион во селото отворен е далечната 1883 година
Највисокиот дел на Јуф се наоѓа на 2126 метри, а најнискиот на 2117 метри. До него води асфалтиран пат, по кој осум пати на ден, во текот на целата година, сообраќа јавен превоз. Веднаш над населеното место се наоѓа и старата селска куќа Платен-хоф, родното место на писателот Јохан Рудолф Штофел, која инаку е највисоката селска куќа во цела Европа.

Оддалечената долина во која се наоѓа прилично изолираниот Јуф во последно време станува сè поинтересна за туристите, но жителите по секоја цена сакаат да ја зачуваат недопрената убавина на природата која ги опкружува. Во блиската Јупа во зимскиот период работат две жичници за скијање, а во самиот Јуф за планинари и скијачи е на располагање „Еделвајс“, единствениот семеен ресторан и пансион, кој работи уште од 1883 година.
Овој дел од Швајцарија е познат по најквалитетното алпско млеко
Тука е и „Јуфер Ледели“, мала поштенска канцеларија и шармантна туристичка продавница, два во еден, исто така во семејно сопствеништво. Овој скриен швајцарски бисер нема ниту црква, а има денови кога е толку празен што изгледа како вистинско село на духови.
Наместо луѓе, во ова бајковито швајцарско село тогаш „владеат“ животни. Имено, неговите високи алпски пасишта се покажале како идеални за пасишта, особено летно време. Мноштво растенија и треви, поразновидни од оние во рамниците, го прават алпското млеко многу повкусно, па земјоделците од Санкт Гален, Тургау и Апензел, но и од долината на Рајна, од секогаш ги испраќале своите крави токму во околината на Јуф. А тоа го прават и денес…
.















