Островот Антикитера ги отвора вратите на сите кои сакаат да започнат нов живот – малиот остров бара нови жители и подготвен е да им плати за повторно да заживее.
За да ги зачуваат последните останати служби и повторно да заживее заедницата која речиси исчезнува, локалните власти иницирале програма со исклучително поволни услови за идните жители.

Семејствата кои ќе одлучат да се преселат на Антикитера ќе добијат месечна поддршка од 500 евра во период од три години, со обезбеден дом и земјиште, што нивниот нов почеток ќе го направи речиси без трошоци. Целта е да се привлечат луѓе подготвени за помирен, побавен ритам на животот, далеку од масовниот туризам.

Антикитера е излолиран остров со диви плажи, стрмни крајбрежја и многу скромна туристичка понуда. На островот постои само едно кафуле кое по потреба функционира и како продавница или мал хостел. Токму таа едноставност и оддалеченост од забрзаното секојдневие ги привлекува оние кои сакаат автентичен живот во мала заедница каде меѓусебно луѓето се познаваат.

Антикитера не е единствен со ваква понуда. Италијанците веќе со години нудат разни програми, од дом за едно евро на Сицилија, до субвенции за преселување во оддалечени села на Алпите. Во Шпанија и Каталонија одредени општини воведуваат финансиска помош за да ги задржат жителите и да ги зачуваат училиштата и основните услуги.

