Таа нема извод од матичната книга на родените, не живее во вистински град, но го има она за што сонуваат многу живи инфлуенсери – армија од повеќе од 31 милион следбеници, личност, стил и приказна што ги надминува границите на технологијата.
Нејзиното име е Лу до Магалу и денес таа е најголемата виртуелна инфлуенсерка во светот.
Приказната за Лу до Магалу започнува во 2003 година во Бразил. Тогаш трговскиот синџир „Magazine Luiza“ одлучи да воведе дигитален асистент на својата веб-страница за да им го олесни на клиентите снаоѓањето при онлајн купувањето. Идејата била едноставна – да се создаде „лице на брендот“ кое ќе го зборува јазикот на корисникот, ќе биде пристапно, забавно и корисно. Но, она што започна како маркетиншки експеримент се претвори во културен феномен.
Лу со години растеше заедно со дигиталниот свет. Од едноставна илустрација, таа стана тродимензионален лик со емоции, глас и карактер. Кога во 2019 година „Magazine Luiza“ одлучи да ја претвори Лу во „виртуелна личност“ со свои профили на Инстаграм, Тикток и Јутјуб – сè се промени. Публиката ја прифати како вистинска. Лу не зборуваше како бренд – таа зборуваше како пријателка. Ги коментираше социјалните настани, ја следеше поп-културата, снимаше скечеви, па дури и дискутираше за социјални прашања како што се еднаквоста, менталното здравје и одговорноста на Интернет.
До 2024 година, Лу ги надмина сите познати виртуелни ликови. Со повеќе од 31 милион следбеници и проценета годишна заработка од 2,5 милиони долари, таа стана најуспешната виртуелна инфлуенсерка во светот. Се појави на насловните страници на „Вог“, соработуваше со разни брендови, коментираше на фудбалски натпревари во живо и, најинтересно, инспирираше вистински луѓе да веруваат во можноста за дигитален идентитет.
Нејзиниот профил функционира како комбинација од маркетинг, забава и медиумски канал. Кога Лу објавува видео, тоа е истовремено рекламирање, содржина за животен стил и социјален коментар. И токму тоа е тајната на нејзиниот успех – таа не продава производи, туку приказна, идеја, емоција.
Лу е создадена со помош на вештачка интелигенција и најнапредните 3Д технологии, но она што ја разликува од другите аватари е фактот дека е емоционално убедлива. Нејзиниот тим во Бразил постојано користи алатки за вештачка интелигенција за креирање содржини: од идентификување на расположението и трендовите на публиката до анализа на коментарите во реално време. Благодарение на вештачката интелигенција, Лу „знае“ за што сакаат луѓето да зборуваат и го прилагодува тонот на комуникацијата – исто како вистинска личност.
Но Лу не ги заменува луѓето – таа ги инспирира. Таа покажа како вештачката интелигенција може да шири позитивни пораки, да поттикне разговор и да ги разбие предрасудите. Приказната за Лу до Магал не е само приказна за еден дигитален лик, туку за иднината што веќе започна – вештачката интелигенција го менува начинот на кој работиме, учиме и комуницираме.