Едно од само 12-те специјално произведени шишиња шампањ по повод венчавката на кралот Чарлс III и покојната принцеза Дајана наскоро ќе биде понудено на аукција во Данска.
Ова шише, направено во 1981 година и посебно обележано за кралската венчавка која ја следеле над 700 милиони луѓе ширум светот, денес се смета за ретка колекционерска скапоценост.
„Произведени се само 12 магнум шишиња и ова е едно од нив“, изјавил за „AFP“ Томас Росендал Андерсен, експертот за вино од аукциската куќа „Bruun Rasmussen“.

Станува збор за магнум шише шампањ „Dom Perignon Vintage“ од 1961 година, а организаторите на аукција очекуваат дека ќе достигне цена меѓу 500.000 и 600.000 дански круни, што е приближно околу 78.000 до 93.000 американски долари. Продажбата ќе се одржи на 11 декември во предградието на Копенхаген.
Росендал наведува дека шишето освен љубителите на вино ќе ги привлече и колекционерите на кралски сувенири.
„Овој шампањ и натаму може да се пие. Секое шише кое оди на аукција детално се прегледува“, нагласил тој.

„Кај ваквите ретки примероци правиме повеќе различни проверки – вклучувајќи и осветлување на шишето со специјално светло за да видиме дали виното има убава, бистра боја и не потемнело и нема матна нијанса“, објаснува експертот.
Моменталниот сопственик на ова скапоцено шише е анонимен, а шампањот го набавил од некој лондонски трговец.

Интересно за шампањот е тоа што тој не наишол на голем интерес од страна на јавноста. Едно магнум шише понудено било на британска аукција во 2004 година и не успеало да најде купувач. Сепак, четири години подоцна, друго исто шише било продадено за околу 12.000 долари, што говори колку денес побарувачката се зголемила.