Германците го прогласија осумчасовното работно време за „застарено“: Планот што го воведуваат е сон за компаниите, а кошмар за вработените

Супермен

27/05/2026

20:58

2.096

Големина на фонт

а а а

Додека Германија се подготвува за дигиталната ера, новиот Закон за работно време, кој наскоро ќе се најде пред пратениците, би можел работниците да ги чини многу повеќе од флексибилност.

Владејачката коалиција во Германија подготвува големи промени на пазарот на трудот, а централниот дел од реформата се однесува на новиот Закон за работно време. Планот предизвикува силни реакции кај синдикатите и работничките организации, кои предупредуваат на можно намалување на работничките права и дополнително оптоварување на вработените, додека претставниците на работодавачите тврдат дека нема причина за паника.

Според плановите на владејачката коалиција составена од Унијата и СПД, досегашниот модел на осумчасовен работен ден би можел да биде заменет со неделна пресметка на работното време. Наместо ограничување на бројот на часови дневно, би се следело вкупното работно оптоварување во текот на целата недела.

Во коалицискиот договор се наведува: „За конкретно обликување на овој модел, ќе спроведеме детален дијалог со социјалните партнери“.


Правилото за осумчасовен работен ден во Германија постои уште од 1918 година. Актуелниот закон пропишува: „Дневното работно време на работникот не смее да надминува осум часа“. Само во исклучителни ситуации е дозволена работа до десет часа дневно, пишува „Fenix“.

Претседателот на Здружението на германски работодавачи, Рајнер Дулгер, ги отфрли критиките и тврдењата дека новиот закон би можел да доведе до претерано долги смени.

„Никој нема да биде принуден да работи 13 часа дневно“, изјави Дулгер за мрежата „RND“.

Тој додаде дека стравувањата од експлоататорски смени се „целосно неоправдани“ и дека целта на реформата е создавање „модерен закон за работно време“ што ќе овозможи поголема флексибилност и за компаниите и за вработените.

„Крутиот и строго дефиниран осумчасовен работен ден потекнува од ерата на телексите и телефоните со бројчаник и едноставно повеќе не одговара на денешниот дигитален и глобален свет на работа“.

Дулгер смета и дека Германија мора да го зголеми вкупниот број на одработени часови за да одговори на демографските предизвици.

„Со менталитет на република што работи со скратено работно време нема да успееме да ги совладаме демографските предизвици што се пред нас“, рече тој.


Освен реформата на работното време, претседателот на здружението на работодавачи бара и промени во законите што ја регулираат заштитата од отказ. Според него, компаниите би требало да имаат поголема слобода за приспособување на пазарните околности.

„Мора повторно да го преиспитаме законодавството за заштита од отказ. Пофлексибилното право на отказ би можело да им помогне на компаниите побрзо да го приспособат вработувањето на новите пазарни услови и можности“.

Од друга страна, германските синдикати предупредуваат дека планираните реформи би можеле сериозно да ги загрозат постојните права на работниците. Германската конфедерација на синдикати (DGB) смета дека промените нема да ја подобрат положбата на вработените, туку ќе отворат простор за слабеење на заштитните механизми.

Претседателката на „DGB“, Јасмин Фахими, порача дека многу работници овие предлози ги гледаат како „еднострано оптоварување и укинување на заштитните права“. Таа остро се спротивстави на реформата на Законот за работно време.

„Во никој случај не сакаме да бидеме вратени во времето во кое работниците живееја пред 1918 година“, изјави таа.

Предлог-законот веќе во јуни треба да се најде пред пратениците, кога се очекува продолжување на жестоката политичка расправа за иднината на работата во Германија.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk