Во Будимпешта е уапсен 27-годишен Јорданец, осомничен дека ги украл податоците од банкарската картичка на Џони Деп и од неговата сметка потрошил речиси половина милион фунти.
Особено необично е тоа што 62-годишниот актер, наводно, повеќе од две години не забележал дека му исчезнуваат пари, сè додека банката не ги означила трансакциите како сомнителни, пишува „Дејли мејл“.
Унгарските истражители соопштија дека случајот бил покренат претходно оваа година, откако американска финансиска институција ја контактирала унгарската подружница на ФБИ поради незаконски исплати од сметката на еден од своите клиенти. Набрзо било утврдено дека станува збор за Џони Деп, кој, според извештаите, не знаел за стотиците трансакции извршени меѓу јануари 2024 и декември 2025 година.

Истражителите во моментов проверуваат вкупно 308 трансакции чија вредност надминува 536.534 фунти, односно околу 619.500 евра.
Полицијата дошла до осомничениот преку следење на IP-адреси, адреси на е-пошта и унгарски телефонски број што биле користени за интернет-купувања и резервации на сместувања. Тој бил уапсен во стан што го изнајмувал во Будимпешта, а објавена е и снимка од неговото приведување. Снимката можете да ја погледнете ТУКА.

При претресот на станот биле запленети електронски уреди за кои постои сомнеж дека биле користени во измамата. Полицијата пронашла и супстанции за кои се сомнева дека се наркотици, па затоа е започната дополнителна истрага за поседување дрога.

Според полициското соопштение, осомничениот ги отфрла обвинувањата, но судот му одредил истражен притвор. И понатаму се утврдува како дошол до податоците од кредитната картичка на Деп. Не се исклучува можноста за кражба на податоци, протекување информации или компромитирање при некоја претходна интернет-трансакција.

Унгарската полиција потврди дека истрагата за наводната измама продолжува и дека не се исклучени ниту нови апсења.
Во текот на последните години актерот често престојувал во Будимпешта, каде што снимил неколку филмови, меѓу кои и „Моди“.

Актерот бил виден на снимања во близина на Будимскиот замок, Унгарската државна опера и други познати градски локации, што би можело да ја објасни унгарската поврзаност во овој случај.