Манекенката Бела Хадид остро ја искритикува „Долче и Габана“ откако италијанската модна куќа ја претстави својата машка колекција за есен и зима 2026 во саботата. Колекцијата ја претставиле исклучиво белци манекени на ревијата што предизвика обвинувања за расизам.
Критиките се појавиле во коментарите под видеото објавено од креаторот на содржини Елиас Медини, попознат како Лијас. Инфлуенсерот го критикувал изборот на манекени за ревијата, што исто така не ѝ се допаднало и на Бела Хадид. „Шокирана сум што луѓето всушност ја поддржуваат оваа компанија, срамно е. Моделите, стилистите, кастингот, сите тие проклети работи“, напиша таа, а нејзиниот коментар брзо собра десетици илјади лајкови.
Во друг коментар Хадид напиша дека брендот е „откажан“ и дека низ годините покажал „расизам, сексизам, нетрпеливост и ксенофобија“. „Зошто сме сè уште шокирани?“, истакна таа.
Во своето видео, Медина рече дека ревијата, наречена „The Portrait of Man“, изгледа претставува хомогена постава на манекени, што е во спротивност со промотивниот слоган на колекцијата кој го слави „уникатниот идентитет на секој маж“. Покрај Хадид, со него се согласи и стилистката и уредничка Габриела Карефа-Џонсон.
„Ова се случува кога моќниците продолжуваат да наоѓаат изговори за бренд кој е постојано расистички, хомофобичен, ксенофобичен, сè со цел да продолжат да ги прифаќаат нивните пари од огласувачите. Микроагресиите стануваат макроагресии, а грешките стануваат начин на дејствување. Нема доволно голема чанта за да се мери со овој бренд – нивната агенда повеќе не е ни скриена“, рече таа.
Ова не е прв пат познатата модна куќа да биде критикувана. Во 2018 година, брендот морал да откаже голема ревија во Шангај откако ко-основачот Стефано Габана наводно испратил пораки нарекувајќи ги Кинезите „неука, валкана, смрдлива мафија“. Ова следувало по контроверзна рекламна кампања во која била прикажана кинеска манекенка која се мачела да јаде италијанска храна со стапчиња за јадење.
Дизајнерите на „Долче и Габана“ се најдоа во центарот на контроверзиите и во 2015 година, кога ги критикуваа ин витро фертилизацијата, сурогат мајчинството и посвојувањето деца од хомосексуални парови. Во интервју за италијанско списание, тие ги нарекле децата зачнати преку ин витро оплодување „деца на хемија“ и „синтетички деца“. Тие исто така лично ги критикувале познатите личности, нарекувајќи ја Селена Гомез „многу грда“, опишувајќи ја венчаницата на Кјара Ферањи „евтина“ и нарекувајќи го семејството Кардашијан „најевтините луѓе на светот“.

И покрај контроверзиите, модната куќа останува една од најуспешните во светот, со многу познати личности кои го носат брендот, вклучувајќи ја и Ким Кардашијан. Ријалити ѕвездата ја лансираше својата колекција „Skims“ со Долче и Габана пред две години, која се распродаде за само неколку моменти.















