Крис Нот откри зошто повеќе не е пријател со Сара Џесика Паркер: „Тоа беше болно и влијаеше на сè“

Точка

22/01/2026

14:35

717

Големина на фонт

а а а

Актерот Крис Нот за првпат отворено проговори за нарушениот однос со својата долгогодишна колешка од серијата „Sex and the City“, Сара Џесика Паркер.

Во неодамнешното интервју откри дека нивното пријателство повеќе не постои поради начинот на кој Паркер реагирала на обвиненијата за сексуален напад што беа изнесени против него во 2021 година.

Крис Нот (71) гостуваше во поткастот „Really Famous with Kara Mayer Robinson“, каде што изјави дека длабоко го повредило тоа што Сара Џесика Паркер не го контактирала за да ја слушне неговата страна на приказната пред јавно да ги поддржи жените кои го обвиниле за сексуален напад.


Да потсетиме, Нот во 2021 година беше обвинет за сексуален напад од три жени, но ги негираше сите обвиненија.

Во заедничка изјава објавена во тоа време, Сара Џесика Паркер, заедно со колешките Синтија Никсон и Кристин Дејвис, наведе: „Длабоко сме тажни поради обвиненијата против Крис Нот. Ги поддржуваме жените кои истапија и ги споделија своите болни искуства. Знаеме колку е тоа тешко и се восхитуваме на нивната храброст“.

Нот оваа изјава ја нарече „разочарувачка“ и рече дека тогаш му станало јасно дека тој и Паркер повеќе не се пријатели.

„Изјавата што ја објавија беше, во суштина, чисто управување со имиџот. Беше тажно, разочарувачки и изненадувачки. Требаше да ми се јави и да ме сослуша. Се познаваме со години и долго работевме заедно“, рече Нот.

Откако глумеше во сите шест сезони од серијата „Sex and the City“, како и во двата филма, Нот се врати во продолжението „And Just Like That“ во 2021 година. Меѓутоа, неговиот лик, „Ѕверката“, згасна уште во првата епизода од новата серија.


„Разбирам, тоа е Холивуд. Но, пред да објавите таква изјава, требаше да ми се јавите. Да ми дадете можност да ја раскажам мојата страна на приказната. Тоа не се случи и тоа беше лошо“, додаде тој.

Според неговите зборови, целата ситуација му покажала кои му се вистинските пријатели. Истакна дека, доколку улогите биле заменети, тој сигурно би ја повикал Паркер.

„Тоа беше болно и навистина влијаеше на сè“, заклучи актерот.

Сара Џесика Паркер не одговори веднаш на барањето на медиумите за коментар.


Претходно овој месец, Нот предизвика бурни реакции кај фановите кога на Инстаграм објави фотографија од теретана со коментар: „За*би ја Новата година – одиме!“. На коментар на еден фан кој алудираше на Паркер и нејзината награда Керол Бурнет, Нот кратко одговори: „Точно“. Подоцна ја ублажи ситуацијата, наведувајќи дека станува збор за „саркастичен коментар“.

Уште во 2023 година, Нот повторно ги негираше обвиненијата за сексуален напад, но призна дека ја изневерувал сопругата Тара Вилсон, со која е во брак од 2012 година и со која има два сина, Орион (18) и Китс (5).

„Бев неверен на својата сопруга и тоа за неа беше разорно. Но, тоа не е злосторство“, изјави тогаш, нагласувајќи дека сите односи надвор од бракот биле спогодбени.