Кога размислуваме за идеално место за живеење, најчесто замислуваме град што нуди рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, безбедна средина, добра инфраструктура и доволно простор за одмор и опуштање.
Токму таква репутација со години ја има данската престолнина Копенхаген, која редовно се наоѓа на врвот на светските листи за квалитет на живот. Градот често е прогласуван за еден од најсреќните и најпријатните за живеење, а сега отиде чекор понатаму во обидот да привлече нови жители.
Имено, покрената е нова кампања насочена пред сè кон луѓето кои не се задоволни од својата работа и секојдневие. Целта е да се претстават можностите што ги нуди животот во Копенхаген и да се охрабрат оние кои чувствуваат професионално прегорување или едноставно сакаат промена – да размислат за преселување.
Ова не е првпат Копенхаген да се обидува да привлече нови жители со иновативни идеи. Една од претходните иницијативи беше симболично „осигурување за квалитет на живот“, со ветување дека преселбата во овој дел од Данска ќе ја зголеми личната среќа. Таквата самодоверба не е случајна, бидејќи градот со години инвестира во одржливост, добри работни услови и висок општествен стандард.
Најновиот проект го носи името „Friend Recruiter Program“ и уште од самиот назив е јасно дека се темели на пријателство. За да учествувате, потребно е да се пријавите заедно со пријател. По регистрацијата, и двајцата добивате е-пошта, а потоа е доволно да го поттикнете пријателот да го истражи официјалниот портал со понуди за работа. Со тоа автоматски станувате таканаречен „регрутер на пријатели“.
Важно е да се нагласи дека програмата не значи веднаш преселување, ниту пак гарантира вработување. Нејзината цел е да понуди увид во деловните можности и начинот на живот кој би можел да ги привлече оние што размислуваат за промена.

Дури и ако на крајот не аплицирате на ниту една работна позиција, со самото учество влегувате во наградна игра. По завршувањето на кампањата, ќе бидат избрани пет пара кои ќе освојат патување во Копенхаген и ќе имаат можност одблизу да ја почувствуваат атмосферата на градот.
Организаторите размислиле и за оние на кои им е тешко да ги убедат пријателите на ваков чекор, па подготвиле и неколку духовити пораки со кои можете да се обидете да ги мотивирате. А ако ни тоа не помогне, велат, Копенхаген често „се продава“ сам по себе.
Градот е познат по врвната гастрономска сцена, живата култура, одличниот ноќен живот и богатата музејска понуда, меѓу која има и музеј посветен на среќата.
За многумина кои се чувствуваат исцрпено од забрзаното темпо и постојаните работни притисоци, ваквата иницијатива може да биде интересен потсетник дека поинаков стил на живот можеби и не е толку недостижен. А ако токму сега ви текна пријател на кого му е потребна промена, можеби е вистинскиот момент заедно да истражите што нуди еден од најсреќните градови во светот.