Она што за Сараево е познатата Башчаршија, за Белград е Скадарлија. Шармантната и раскошна улица во самиот центар на српската престолнина веќе повеќе од еден век ја чува душата на стариот град. Тука минатото и сегашноста се среќаваат со звукот на тамбурите, мирисот на традиционалната кујна и неизбежната чашка ракија.
Во ова амбиентално катче на Белград, градската врева ја замениле камените плочки на улицата долга околу 400 метри, пригушената светлина на старите светилки и фасадите на куќите низ кои поминале генерации уметници, писатели и актери. Поради својот единствен амбиент, Скадарлија често се споредува со Монмартр, парискиот кварт кој со векови била засолниште на боемите.

Порано сметана за перифериски дел на градот, а првите жители биле Роми
Сместена меѓу Булеварот на деспотот Стефан и улицата Страхињиќ Бан, Скадарската улица секоја година привлекува десетици илјади посетители од целиот свет. Иако денес е неизбежен дел од идентитетот на градот, до средината на 19. век Скадарлија била само перифериски дел на Белград, сместена помеѓу тогашната „варош во шанец“ и селото Палилула. Нејзини први жители биле Роми, поради што целата населба добила прекар Шиќан-мала, односно „циганска маала“.

Позначителните куќи и работилници почнале да се градат дури средината на векот, а Скадарската улица првпат била вцртана во планот на градот во 1854 година. За време на австро-унгарското владеење кратко се викала Ружина улица. Службеното име, кое го носи и денес, го добила во 1872 година. Скадарлија низ историјата ја населувале трговци, занаетчии и угостители, а дел од жителите живееле и од изнајмување на соби.
Скадарската улица се смета за една од првите пешачки зони во цела Европа
Во средината на улицата некогаш поминувал отворен канал, кој при обилни дождови се претворал во надојдена вода и служел како своевидна граница меѓу делот на Дорчол и Палилула. На едната страна се наоѓала гостилницата „Три шешири“, а на другата „Два јелена“. Двете и денес го сочинуваат срцето на Скадарлија.
Вистинската преобразба на оваа убавица датира од почетокот на 20. век. Била обновена калдрмата, поставени се улични светилки, уредени се ресторани и куќи, по што улицата всушност станала една од првите пешачки зони во Европа.

Тогаш почнале да се организираат и „Скадарлиски вечери“, културно-забавни манифестации кои ја слават уметноста, музиката и традицијата на тој дел од Белград.
Во нејзините гостилници се основале политички партии, се пишувале песни…
А кога во 1901 година била срушена познатата кафана „Дарданели“, која се наоѓала спроти денешниот Народен музеј на Србија, уметниците и боемите биле принудени да најдат ново место за своите собирања. Бирале приземни куќи токму во Скадарската улица, која многу брзо потоа станала главно средиште на културниот живот на српската престолнина.

Во нејзините гостилници живо се расправало за актуелни теми, се пишувале песни и приказни, основале весници, но и политички партии. Тука се одржувале првите танцови вечери и свадби, а во 1908 година дури биле изведувани претстави на Белградската опера. Оваа уникатна улица, за која и денес важи познатата изрека „не си боем ако не си виден во Скадарлија“, со задоволство ја посетувал и големиот хрватски поет Тин Ујевиќ.
Легендата вели дека на „Челичната дама“ токму тука ѝ била предвидена голема кариера
Според податоците од водичот низ Белград од 1909 година, во Скадарската и околните улици веќе тогаш имало 14 гостилници, иако градот имал само околу 90.000 жители. Најпозната меѓу нив, „Три шешири“, отворена е во 1864 година, на местото на некогашна работилница за изработка на шешири. Ја сакале уметниците, државниците и боемите, а легендата вели дека токму таму на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер ѝ била предвидена голема политичка кариера!

Исклучително популарна била и кафаната „Два елена“, која низ децении ги угостила бројните угледни посетители како што се Јосип Броз Тито, поранешниот американски претседател Џими Картер, како и актерите Пирс Броснан и Жерар Депардје. Посебно место во историјата на оваа улица зазема и куќата на поетот и сликарот Ѓура Јакшиќ. Денес таа е претворена во културен простор каде се одржуваат книжевни вечери, концерти и изложби, продолжувајќи ја традицијата на уметничко творештво по кое Скадарлија е надалеку позната.
Останува автентична и сто процентно своја и продолжува да живее во ритамот на носталгија
Преку овој симбол на Белград дневно минуваат и до 20.000 луѓе. Додека тамбурашите свират староградски песни, а од рестораните се шират мирисите на традиционални јадења, Скадарската улица живее во ритам на носталгија и некои поубави времиња.





Српската престолнина постојано се менува, но оваа туристичка атракција останува иста, автентична и сто проценти своја: сè уште чува прекрасни приказни за уметниците, гостилниците и забавите кои во нив често траеле до зори…













