Изнајмила инфлуенсерка за да ја тестира верноста на момчето: Пораките се хит

Супермен

01/04/2026

18:19

1.048

Големина на фонт

а а а

Една жена решила да ја провери верноста на своето момче, наводно познат НБА-играч, така што ангажирала инфлуенсерка по име Медлин да го искуша.

Тестот дал поразителни резултати – кошаркарот не само што паднал, туку попатно открил и прилично шокантен став за својата врска. Медлин својата услуга – „тест за верност“ ја нуди преку социјалните мрежи на сите што се сомневаат дека партнерот ги изневерува или би го направил тоа штом му се укаже можност.

Паднал на тестот

„Имам луда приказна за вас“, рекла Медлин во видеото во кое ја покажала пораката од клиентката. „Здраво! Ги видов твоите видеа на ТикТок и ме интересира дали можеш да му се јавиш на моето момче“, пишувало во пораката.

Жената потоа ги открила деталите. „Мислам дека ова би можело да ти биде интересно, бидејќи станува збор за познат професионален спортист, а ти си совршена за тоа!“. Објаснила дека нејзиното момче е НБА-играч, чиј идентитет и клуб не биле откриени. „Сезоната им почнува за неколку недели, па ме интересира дали би прифатил да се види со тебе кога ќе играат во Лос Анџелес“, додала.


Медлин се согласила и му пишала преку Инстаграм. „Здраво! Не знам дали воопшто ќе го видиш ова, но веќе долго те следам и ми се допаѓаш“, му напишала.

На нејзино изненадување, спортистот брзо ѝ одговорил. „Дали си ти некоја обожавателка? Од каде си?“, ја прашал. Кога му кажала дека е од Лос Анџелес, веднаш ѝ го испратил својот приватен број.

„Еј, јас сум Медлин од Инстаграм“, му испратила порака. Тој ја замолил да му прати селфи на кое покажува два прста. „Мала, супер си“, ѝ одговорил откако ја испратила фотографијата и веднаш ја поканил да се видат по натпреварот. „О, Боже, па секако дека да!“, одговорила таа и прашала каде да се најдат.

Кошаркарот потоа ја поканил и на афтер. „Ќе има добра забава“, напишал. „Навистина? Звучи интересно … каква забава?“, прашала таа. Откако извесно време не одговарал, решила да му испрати уште една порака и да му даде можност да се повлече.

„Таа знае дека важат други правила кога сум на пат“

„Чекај… зарем ти немаш девојка?“, го прашала. Неговиот одговор бил шокантен: „Таа знае дека важат други правила кога сум на пат“. Потоа додал: „Опушти се. Јави се по натпреварот“.


Медлин потоа снимките од разговорот ѝ ги испратила на неговата девојка. „Виде колку лесно прифати и тоа едноставно не ѝ беше во ред“, рекла Медлин, додавајќи дека со тоа нејзината работа била завршена и дека ги блокирала неговиот број и профил.

Советнички за односи: Тестовите за верност се знак за проблеми во врската

Медлин во коментарите открила дека не паднале сите мажи на нејзиниот тест, но се поставува прашањето дали таквиот пристап воопшто има смисла. Ако сте дошле дотаму да плаќате непозната личност да го тестира вашиот партнер, јасно е дека во врската веќе постои сериозен проблем со довербата.

Серена Новели, сертифицирана советничка за интимност и односи, изјавила за „NationalWorld“ дека таквите тестови немаат место во здрава врска. „Можеби на прв поглед делува безопасно, но таквите работи всушност создаваат сомнеж и ја нарушуваат довербата. Здравата врска се темели на доверба, комуникација и меѓусебно почитување, а не на експерименти од социјалните мрежи“, рекла таа.


Со неа се согласила и советничката за односи Шивон Копланд. „Тестирањето на верноста е опасна игра. Ако мора да играте детектив за да го проверите партнерот, тоа веројатно е знак дека вашата интуиција ви кажува дека нешто не е во ред“, заклучила таа. Ако размислувате за таков тест, врската веројатно веќе е во сериозни проблеми, а искрен разговор или помош од терапевт би можеле да бидат многу подобар избор.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk