Лекар откри како стресот влијае врз сперматозоидите и плодноста

Точка

23/04/2026

21:30

366

Големина на фонт

а а а

Стресот е составен дел од современиот живот, но малкумина размислуваат за неговото влијание врз машката плодност.

Лекарите предупредуваат дека притисокот на работа, семејните обврски и растечките трошоци за живот не влијаат само врз менталното здравје, туку можат да имаат и изненадувачки последици врз квалитетот на спермата кај мажите кои планираат семејство, пишува „Унилад“.

Влијанието на хроничниот стрес врз сперматозоидите

Кога телото е под стрес, ослободува хормони како кортизол и адреналин. Иако овие хормони се корисни на краток рок, долготрајната изложеност на стрес може да предизвика низа проблеми, од нарушувања на сонот до намалено либидо.

Д-р Џејмин Брамхат објаснил како тоа влијае врз плодноста.


„На сперматозоидите им се потребни приближно два до три месеци за да се создадат, созреат и да се појават во ејакулатот. Токму затоа хроничниот стрес може да биде значително поштетен од краткотрајните стресни епизоди“,истакнал тој.

Но, тоа не е сè.

„Хроничниот стрес, исто така, може да го засили оксидативниот стрес во телото, кој директно ги оштетува сперматозоидите“, додал тој. Истражувањата ја потврдуваат оваа поврзаност, покажувајќи дека повисоките нивоа на стрес се поврзани со помал број сперматозоиди и нивна послаба подвижност.

Како да си помогнете?

Д-р Брамхат признал дека не е можно едноставно да се „исклучи стресот“, но им советува на мажите да обрнат внимание на навиките што стресот ги поттикнува, како зголемена консумација на алкохол или недостиг од сон. Тој препорачал и редовна физичка активност, која не мора да биде со висок интензитет.


На паровите кои се соочуваат со неплодност и чувствуваат притисок, д-р Брамхат им дава конкретен совет: „Држете се подалеку од Фејсбук групи полни со објави за полот на детето и најави за принова“.

„Ако веќе се соочувате со тешкотии, таквата содржина не е инспирација, туку гориво за анксиозност и најбрз пат до чувство на помала вредност“, појаснил тој.

Кога да се побара лекарска помош?

Општа препорака е паровите да побараат лекарска помош ако не дојде до зачнување по една година обиди, односно по шест месеци ако партнерката е помлада од 35 години. Сепак, на лицата со познати фактори на ризик им се советува да се јават на лекар и порано.


Важно е да се нагласи дека стресот не е единствената причина за машка неплодност. Д-р Боби Наџари ја наведува варикоцелата, проширување на венскиот сплет (плексус панпиниформис) во скротумот и внатрешната семенска вена (вена сперматика интерна) кои ја одведуваат венската крв од тестисот. Се работи за абнормалност на венскиот крвен систем, т.е абнормално зголемување на вените околу тестисот. Таа состојба може да го намали производството и подвижноста на сперматозоидите.

Можни знаци на варикоцела вклучуваат тестиси со нееднаква големина или грутка во скротумот. На сите кои се борат со неплодност им се советува посета на лекар за да се утврди точната причина за проблемот и да се одреди соодветна терапија.