Фудбалот ги пишува најубавите приказни – мајката и расплаканиот син повторно заедно: „Ќе добие виза!“

Точка

17/06/2026

21:45

645

Големина на фонт

а а а

„Ниту една мајка не треба да ја пропушти можноста да го гледа својот син како испишува историја“, напишал политичарот Хаким Џефрис, кој ја започнал постапката.

Едно од најголемите изненадувања во првото коло, ако не и во целата групна фаза на овогодишното Светско фудбалско првенство, го приреди дебитантот – репрезентацијата на Зеленортската Република, која на својот прв настап на Мундијалот успеа да освои бод против актуелниот европски шампион, Шпанија.


Тие не воодушевија со убавината на фудбалската игра, туку со пожртвуваноста и тимската работа, кои им ја сочуваа мрежата недопрена и им донесоа бод, а најголемиот херој беше 40-годишниот голман Жосимар Жозе Евора Дијас, попознат како Возиња.


По натпреварот, на кој беше прогласен за играч на натпреварот и забележа седум одбрани, Возиња го совладаа емоциите и тој се расплака, а потоа откри и зошто.


„Плачев затоа што пораснав со баба ми и дедо ми, а нив, за жал, повеќе ги нема. Починаа пред неколку години. Тие ми беа сè во животот. Плачев и затоа што мајка ми не успеа да дојде поради визата. Поради сумата што требаше да ја платиме за визата, не успеавме навреме да го решиме тоа. Би сакал да е тука, но и покрај тоа сум многу среќен“, изјавил тогаш Возиња.


Американската влада во јануари годинава ја додаде Зеленортската Република на списокот на земји чии граѓани, покрај самата такса за виза, пред патувањето во САД мора да уплатат и повратен депозит од дури 15.000 долари.


Меѓутоа, фудбалот пишува убави приказни и покажува дека понекогаш е поважен и од политиката, па Возиња уште пред следниот натпревар против Уругвај повторно ќе биде заедно со својата мајка.

Целиот процес го започнал и го забрзал Хаким Џефрис, лидерот на малцинството во Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави, кој ја потврдил оваа убава вест и на своите профили на социјалните мрежи.

„Ниту една мајка не треба да ја пропушти можноста да го гледа својот син како испишува историја. Кога ја слушнав оваа приказна, разговарав со државниот секретар Марко Рубио и побарав од Стејт департментот да направи сè што е во негова моќ за да ѝ овозможи влез во САД. Чест ми е да потврдам дека мајката на Возиња ќе добие виза навреме за да пристигне на натпреварот меѓу Зеленортскaта Република и Уругвај. Сите давачки се укинати“, напишал Џефрис.

Уругвај и Зеленортската Република ќе играат на 22 јуни во Мајами на полноќ по наше време.