Утринското кафе го намалува ризикот од тешки заболувања и смрт?

Точка

04/07/2026

09:51

591

Големина на фонт

а а а

Пиењето кафе, дури и без кофеин, е поврзано со помал ризик од цироза, рак на црниот дроб и смрт предизвикана од заболувања на црниот дроб, покажува ново истражување.

Поголемата консумација на кафе е поврзана со помал ризик од развој на заболувања на црниот дроб, се наведува во студијата објавена во стручното списание „Clinical Gastroenterology and Hepatology“.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека консумирањето кафе е поврзано со помала веројатност за развој на цироза, рак на црниот дроб и смртен исход поврзан со заболувања на црниот дроб.

Истражувачите анализирале податоци од повеќе од 350.000 учесници од британската биобанка „UK Biobank“, кои на почетокот на истражувањето немале цироза ниту рак на црниот дроб. Нивната здравствена состојба била следена во период од 13 години.


Се покажало дека лицата кои пиеле пет или повеќе шолји кафе дневно имале 32 проценти помал ризик од развој на цироза, 47 проценти помала веројатност да заболат од рак на црниот дроб и 42 проценти помал ризик од смрт поврзана со заболувања на црниот дроб, пренесува „Euronews“.

Според истражување од 2023 година, заболувањата на црниот дроб предизвикуваат околу два милиони смртни случаи годишно, што претставува четири проценти од сите смртни случаи во светот. Околу две третини од тие смртни случаи се однесуваат на мажи.

Умерена консумација

Учесниците кои пиеле повеќе кафе имале и помалку масти во црниот дроб, пониски нивоа на железо во црниот дроб, помалку фиброза, како и помалку изразено воспаление на ткивото на црниот дроб.

Крвните анализи покажале дека љубителите на кафе имале повисоки нивоа на протеини поврзани со здравата функција на црниот дроб, а пониски нивоа на протеини кои се поврзуваат со создавање лузни и воспалителни процеси.

„Нашите резултати ја поддржуваат умерената консумација на кафе кај луѓето кои веќе го пијат и добро го поднесуваат“, изјави главниот автор на студијата Џу Донг Јанг.

„Сепак, само врз основа на ова истражување не би препорачале некој да почне да пие кафе исклучиво заради заштита на црниот дроб“, додаде тој.


Слична поврзаност е забележана и кај обичното и кај бескофеинското кафе, што укажува дека потенцијалниот заштитен ефект не може да се припише само на кофеинот.

Според авторката на истражувањето Шели Лу, кафето влијае врз здравјето на црниот дроб преку процесите на воспаление и создавање лузнесто ткиво, што отвора простор за идни истражувања за тоа кои луѓе би можеле да имаат најголема корист од овој ефект.

Најизразена поврзаност е забележана кај лицата кои пиеле три до четири шолји кафе дневно, но и умерената консумација, односно една до две шолји дневно, исто така била поврзана со значително помал ризик од заболувања на црниот дроб.


До четири шолји кафе дневно

Џу Донг Јанг нагласи дека превенцијата на заболувањата на црниот дроб и понатаму треба да биде насочена кон одржување здрава телесна тежина, ограничување на внесот на алкохол, редовна физичка активност, како и контрола на нивото на шеќер во крвта, крвниот притисок и холестеролот.

Од друга страна, прекумерниот внес на кофеин може да предизвика забрзана работа на срцето, палпитации, покачен крвен притисок, анксиозност и нарушувања на спиењето.

Општо се смета дека за повеќето возрасни лица е безбеден дневен внес до 400 милиграми кофеин, што одговара на приближно четири шолји кафе или чај.